Се бара оставка од Зоран Трајчевски поради дезинформирање на јавноста

Министерството за внатрешни работи најостро ги демантираше дезинформациите што во емисијата „Код“ на ТВ Телма ги изнесе директорот на АВМУ (Агенција за медиуми), Зоран Трајчевски, дека наводно лицето Бојан Јовановски имало службено обезбедување од МВР.

,,Тоа апсолутно не е точно. Бојан Јовановски немал службено обезбедување од МВР. Непрофесионално и неетички е Трајчевски, кој е на чело на регулаторно тело на кое му е работа да ја штити јавноста од дезинформации и да внимава на етиката во известувањето, самиот да шири дезинформации“- се вели во демантот од МВР.

Првиот човек на Агенција за медиуми, Зоран Трајчевски, ова го навел како причина за одземање на лиценцата за работа на 1 ТВ, чиј неформален сопственик е уапсениот Бојан Јовановски.

,, Бојан Јовановски од почетокот на оваа година имал службено обезбедување од МВР, поради добиени закани по емитување на серијата „Инсајдер’“. Доколку Јовановски добил обезбедување од МВР како сопственик на медиум, иако формално-правно не е сопственик, тогаш станува збор за тајно содружништво, а тоа не е дозволено и во таков случај се одзема дозволата за работа “– изјавил Трајчевски за емисијата Код.

На ова реагираше и заменик министерот за екологија и член на СДСМ, Јани Макрадули.

,, Очекувам Зоран Трајчевски веднаш да си поднесе оставка заради манипулациите изнесени во јавност. Се насобраа луѓе кои за да бидат објавени во медиуми си вадат од ракав наводно податливи информации“-напиша на својот ФБ профил Макрадули..