Се зголемува безбедноста во Клинички центар по насилството врз медицинската сестра

Министерот за здраваство, Венко Филипче , го осуди нападот врз медицинската сестра на КАРИЛ од роднини на починат пациент и најави дека веќе разговарал со министерот Спасовски за полициско обезбедување на неколку клиники кои се често цел на напади од страна на нервозни роднини.

Тој рече дека нивниот медицински персонал е често мета на роднини кои ги обвинуваат за здравствената состојба на нивни блиски и ги попречуваат да си ја вршат својата работа.

,,Ја разбирам загубата на блиските на пациентот кој починал, но не разбирам и не поддржувам под никаков изговор, физичко, психичко или какво и да било насилство врз медицинскиот персонал, кој деноноќно се грижи за здравјето и животот на пациентите. Насилството е недозволиво и не е начин на кој треба да комуницираат пациентите и лекарите. МВР работи на расчистување на случајот“-рече министерот.

Директорката на КАРИЛ, д-р Маја Мојсова, видно возбудена од нападот на вработената, рече:

–,, Често се случува нашите вработени, кои се грижат за најтешко болните, да бидат на удар на пациентите. Не смееме правдата да ја земеме во свои раце. Најостро го осудуваме овој акт и апел од сите вработени на Клиниката е граѓаните да нѐ остават да си ја вршиме нашата работа и да се воведе заштита пред влезот на клиниката. Никој не може да работи во услови кога има вакви закани“ – изјави д-р Мојсова.