Се кршат копјата во ДУИ дали да коалицираат со ВМРО ДПМНЕ

Во седиштето на ДУИ во Мала Речица со часови трае состанокот на Централното претседателство на кое се разговара за идните чекори и евентуално започнување на разговори за коалицирање со ВМРО ДПМНЕ. Меѓутоа, пред почетокот на состанокот портпаролот Бујар Османи изјави дека сите опции се ставени на маса и ќе се разгледуваат пет опции за можно коалицирање во наредниот период. Портпаролот на партијата, Бујар Османи вели дека ДУИ нема стратешки партнер и се разгледуваат сите опции.

„ДУИ започна процес на сеопфатна анализа на можните опции за коалицирање во наредниот период. Ги спомнавме сите пет опции кои се на маса на Централното претседателство, за кои детално се разговара за сите „про“ и „контра“ аргументи и краткорочни и долгорочни ефекти. Анализите се без емоции, без преференции, ДУИ нема стратешки парнер, ДУИ нема префериран партнер. Сериозно ги разгледуваме сите аргументи“, изјави Османи.

Според некои информации, партијата ги анализира сите опции, од тоа дали да одат во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ, но и можноста да предложат техничка влада или пак да станат опозиција. Но, на крајот конечната одлука според статутот на партијата ќе ја има лидерот Али Ахмети. Во принцип, тој секогаш ги следи главно препораките на мнозинството на Централното претседателство.

ако.мк