Се кршат таблите со натписите поставени на спомениците, се ,,спасува“ Сонцето од Вергина од канализациските шахти

Таблата со натписот на безимениот Воин на коњ, со која за првпат официјално е прецизирано дека станува збор за Александар Македонски е искршена ноќеска.

Порталот Нетпрес објави фотографија со искршената табла на која пишува ,, Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно и историско наследство. Овде е претставен како воин на коњ“.

Но, на одреден дел граѓани во Македонија не им се допаѓа ова и е покрената акција за ,спасување на симболите од хеленската култура, како на пример Сонцето од Вергина или од Кутлеш, кое беше излеано дури и на капаците од канализациските шахти.

Битолчанец стана хит на социјалните мрежи со својот ,,подвиг“ на спасување на Сонцето од шахтите. Тој оди низ Битола и со златна боја повторно го враќа назад овој симбол.

Инаку, отстранувањето на шеснаесеткратото сонце од места кои се во државна сопственост и означувањето на античките споменици е обврска од Преспанскиот договор, каде во членот 8 став 2 се вели дека: „Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство“.

Тој рок истече пред два дена.