Се отстрани дивата населба и се расчистија огромни количини смет под Железничка станица

Со заедничка акција во која учествуваат екипи на Инспекторатот на Град Скопје, Центарот за социјални работи на град Скопје, Министерството за внатрешни работи и ЈП „Улици и патишта“ денеска се отстранува дивата населба и сметиштето под Железничката станица.

Од раните утрински часови, со механизација се отстранува импровизираното картон-маало формирано на паркиралиштето под Железничка, како и натрупаниот отпад, купиштата пластична амбалажа и стариот мебел што го нагрдуваат овој јавен простор и претставуваат извор на загадување.

Со оваа акција во пресрет на сезоната со зголемено загадување се става крај и на огновите на отворено кои често гореа во оваа дива населба и го загадуваа воздухот.

На двете семејства кои живееја во импровизираните живеалишта под Железничката станица, без основни хигиенски услови и опкружени со смет, Центарот за социјални работи им понуди алтернативно сместување во текот на зимскиот период.

По отстранувањето на дивата населба, овој јавен простор ќе се расчисти. Во наредниот период комуналните редари од Град Скопје и екипи на МВР ќе вршат чести контроли на оваа јавна површина за да не се дозволи повторно формирање на ваква импровизирана населба под Железничката станица.

,,Ги повикуваме граѓаните активно да се вклучат во борбата против загадувањето на воздухот и сите случаи на палење огнови на отворено да ги пријават во кол-центарот, на телефонскиот број 193. Градот Скопје преку својот Инспекторат и Територијалната единица за противпожарна заштита, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст организира мешани тимови кои работат секој ден, 24 часа, во борбата против огновите на отворено, како една од мерките за намалување на аерозагадувањето во Скопје“-велат од Град Скопје.