Се породила во својот автомобил пред вратите на Клиника

Млада жена која добила породилни болки не успеала да стаса до Клиниката за гинекологија во Клинички центар во Скопје, туку своето дете го родила на задното седиште од автомобилот со кој дошла, пишува весникот Дневник.

,,Веднаш притрчавме да помогнеме и со количка ги изнесовме и родилката и бебето кое само што беше родено и плачеше. Жената ја примија веднаш лекарите во приемното одделение за итни случаи, по што ја префрлија во родилна сала. Ова не е првпат, пред само две недели уште една трудница од Скопје се породила во такси-возило кое ја носело на породување – раскажале за Дневник  вработените на Kлиниката.

Во родилната сала веднаш бил применет протоколот за породување во вакви случаи и биле преземени сите мерки за безбедност и на родилката и на бебето, кои според информациите на весникот, се во добра здравствена состојба. Таму била пресечена и папочната врвца.

На Kлиниката се раѓаат речиси 5.000 бебиња годишно.Официјални информации за случајот се уште нема. Од оваа установа потврдиле дека пациентката се породила пред Kлиниката, а дека тоа се случувало и порано.

Извор: Дневник