Се продлабочува соработката на економски план со Руската Федерација

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев прими делегација од учесниците на Бизнис Форумот, меѓу нив и претставници на деловната заедница од Северна Македонија и Руската Федерација, како и членовите на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно – техничка соработка меѓу двете земји, која денеска и утре во Охрид, ја одржува 9. сесија.

На средбата во Владата, делегацијата на Руската Федерација ја предводеше заменик министерот за индустрија и трговија на Руската Федерација Алексеј Груздев, придружуван од амбасадорот на РФ во нашата земја Сергеј Александрович Баздникин.

На средбата, на која присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и претседател на македонскиот дел од Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно – техничка соработка меѓу двете земји Трајан Димковски,  премиерот Заев истакна дека односите меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација се традиционално пријателски и нив ги карактеризира позитивен дух, но и одреден неискористен потенцијал, кој треба да биде одредница за тоа во кој правец би требало да се движат односите во економската соработка во иднина.

„Особено радува фактот дека во дијалогот во Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно – техничка соработка меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација, од оваа година е внесена нова динамика. Тоа е добра основа за продлабочување на соработката“, рече на средбата Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев.

Премиерот Заев додаде дека двете страни во комисијата се договориле освен досегашните области за соработка во енергетиката, транспортот, и земјоделството, соработката да се прошири и во други области, како и дека се согласиле да се формираат посебни работни групи за сите области на соработка, што најавува многу конкретна работа и ефикасно донесување одлуки од интерес на двете земји и на нашите граѓани.

Руската делегација од своја страна истакна дека преку институциите на Руската Федерација ќе биде преземена поактивна улога и ќе ги охрабри иницијативите како Бизнис Форумот што денес се одржува во Скопје, за подобро запознавање и за унапредување на соработката.

Извор: Влада на РСМ