Се самоуби Сириецот осомничен дека подготвува бомбашки напади во Германија

Дваесет и двегодишниот Сириец Џабер Албакр, обвинет дека планира да изврши терористички акции во Германија, се обеси во затворот во Лајпциг.

Албакр кој што пред една година доби азил самоубиството го извршил и покрај зачестениот надзор.
Неговата смрт ја отежнува истрагата за откривање на евентуални соучесници во плановите за бомбашки напади.

Осомничениот беше уапсен во Лајпциг, два дена после неговото бегство од станот во Хемниц каде што престојувал.

Неговата смрт сега покрена лавина реакции за условите под кои бил чуван во затворот.

Началникот на затворот, Ралф Јакоб, рекол дека лекарскиот тим којшто го прегледал Сириецот кога бил доведен во затвор забележале дека кај него постои ризик од самоубиство, но дека сметале дека не е акутен. Го оставиле во ќелија во панталони без ремен, а од претпазливост го проверувале на секои 15 минути.

Адвокатот на Албакр изјавил дека е шокиран од она што се случило во Лајпциг.

„Вчера попладне преку телефон разговарав со претставници од истражниот затвор. Ми рекоа дека тој во ќелијата се обидел да направи нешто со прекинувачите за струја и дека го скршил лустерот заради што бил ставен под посебен надзор“, посочува бранителот на Сириецот.

Министерот за правда на германската сојузна држава Саксонија, Себастијан Гемков, на конференцијата за новинари рече дека Албкар го пронашле чуварите околу 7.45 часот како виси на решетките.

Во станот што го користел Албакр во Хемниц пронајдени се еден килограм и 500 грама експлозив кој, наводно, планирал да го искористи за самоубиствен напад. Целта, според одделни сознанија, му била железничка станица или некој од аеродромите во Берлин.