Се трансплантираат два бубрега од починат донор, за срцето нема соодветен примател

Утрово на Клиниката за Урологија беа експлантирани два бубрега од 46 годишен пациент кај кој вчера беше потврдена мозочна смрт. Во моментов, во тек е првата трансплантација на бубрег кај 35 годишна девојка која веќе неколку години е на дијализа, по што ќе следи и втората трансплантација, соопшти МЗ.

,,За жал, овој пат немавме соодветен примател на срцето и тоа нема да биде трансплантирано. Се заблагодаруваме на семејството на донорот, кое во моментите на најголема болка одлучи да ги донира органите и да спаси уште најмалку два животи. Да се донесе одлука да се даруваат органите на блискиот во моментите кога го губите засекогаш, е тешко. Потребно е многу сила, многу љубов и хуманост да мислите на нечиј туѓ живот кога го губите саканиот. Луѓето кои носат вакви одлуки се посебни. Бескрајно сме им благодарни што уште еднаш ни покажаа дека живот сепак може да се подари.Ова е втора кадаверична трансплантација и четврта од жив донор годинава. На 23 мај од починат донор се трансплантираа срце и бубрези. Во период кога здравствениот систем се соочува со ковид-19, Програмата за транплантација продолжува да се реализира“-се вели во информацијата од МЗ.