Се тресеше гората, се роди…

Судскиот процес во кој функционерите на ДУИ Али Ахмети и Муса Џафери го тужат поранешниот разузнавач Слободан Богоевски за клевета е одложен за крајот на јануари.

Судијата го закажа новото рочиште за 27 јануари 2017-та откако одбраната на тужениот образложи дека доцна ги добиле тужбите и се уште имаат рок за жалба по нив. Ова е невообичаено, ако се знае дека лично Богоевски го обелодени денешното рочиште и ги повика медиумите да дојдат да видат што се тој има да каже. Ахмети и Џафери не дојдоа во судот.

Поранешниот разузнавач минатата недела во интервју обелодени ,,опасни” информации за врвот на ВМРО-ДПМНЕ и најави дека во понеделник(31.10.2016) треба да се појави во Основниот суд Скопје 2.

Ахмети и Џафери тужбата ја поднесоа за сведочењето на Слободан Богоевски пред американската комисија за хартии од вредност, а потоа и за потребите на окружниот суд во Њујорк, каде беше и заштитен сведок. Богоески сведоeчше дека поранешните директори на „Маѓар Телеком“ дале поткуп на тогашниот премиер Владо Бучковски и на претставниците на ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери за да не влезе друг телекомуникациски оператор во Македонија.

САД ги сомничи Елек Штрауб, Андраш Балог и Томаш Морваи дека кон крајот на 2004 година се вклучиле во шемата на поткуп на македонските политичари за зачувување на монополската положба на пазарот.

Во Основниот суд Скопје 1 паралелно се води процес против тројца поранешни директори на Македонски Телеком, Атила Сендреј, Ролф Плат и Золтан Кишјакус кои се обвинети дека ја злоупотребиле служебната положба префрлајќи пари на разни сметки.

Но, судењето постојано се одложува бидејќи обвинетите не се достапни за јавноста.

Слободан Богоевски во изминатиот период во повеќе интервјуа детално ги опиша шемите за поткуп и пренесување на 10 милиони евра од Грција преку Димтрас Кондоминас, а во кои и тој, Богоевски, лично учествувал.