СИЕР: Сите работници во ФЕНИ да добијат решенија на неопределено и поголеми плати

Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство, ја поздрави одлуката за реорганизација на ФЕНИ, откако Собранието на доверители на  судско рочиште во Основниот суд во Велес ја изгласа   со 96 отсто од гласовите.

Со ова завршува агонија на 800-те вработени во фабриката, вели Маре Анчева генерален секретар, која смета дека ова е добар пример за стечај со позитивни резултати,каде и за време на постапката, работниците одат на работа, а се настојува што поскоро завршување на целиот процес .

– Во случајов поради тоа што продолжува деловниот потфат и сите работници остануваат на работа се разбира дека ние имаме причина да бидеме особено задоволни.Нас нѐ интересира да продолжи деловниот потфат,сите работници да останат на работа,да добијат повторно договори на неопределено време и да се остави простор за преговарање за повисоки плати бидејќи со кризата во работењето на Фени,во последните две години платите значително беа намалени.Добро е што целата работа завршува на ваков начин и ова нека биде пример дека може стечајните постапки да се водат побрзо отколку како досега што беше пракса,смета Анчева.

Според Анчева,синдикатот бил против решавањето на случајот преку стечај, пред сè имајќи го предвид интересот на вработените, како и негативните искуства во сите стечајни постапки кои биле спроведувани над претпријатија со членови на СИЕР.

– Сепак, со оглед дека во ,,Фени индустри“ за цело време на стечајната постапка беа ангажирани сите работници, се настојуваше постапката да се заврши колку може побрзо и на крајот заврши со план за реорганизација кој гарантира ангажман на сите вработени, а не со најнепопуларната ликвидација и впаричување на имотот, ние сметаме дека се зачувани правата на работниците, а најважно е да се продолжи со работа и тоа под услови не полоши, туку подобри од претходните, што значи договори на неопределено време за постојните вработени и договорени повисоки плати и други примања“, вели Анчева.

Значењето на кавадаречкиот гигант за никел и патот надвор од стечајот е секако и добар пример за надворешната деловна јавност  со што се испраќа позитивен сигнал до меѓународната бизнис заедница дека Македонија е атрактивна дестинација за инвестирање. Самиот начин на кој е водена стечајната постапка покажа дека земјата има ефикасна администрација, независен судски систем и стабилно законодавство и регулаторен систем. Сето тоа е на врвот на главните барања и приоритетна листа на секој инвеститор за нови можности и поволна бизнис клима, велат од СИЕР.

Со долг од 67 милиони евра и повеќе од 250 кредитори со неплатени побарувања Фени беше отворена стечајна постапка. Но, швајцарски ГСОЛ ги откупи долговите на компанијата и со тоа стана најголем доверител , а по вчерашната одлука на собранието на доверители и идниот сопственик.

Билјана Тошевски