Синдикалниот приврзок на ВМРО ДПМНЕ Живко Митревски со тепачи ја брани фотелјата

Дарко Димовски в.д. претседателот на ССМ е истепан од телохранителите и приватното обезбедување на Живко Митревски и со видливи повреди исфрлен од просториите на ССМ каде со други претставници на 4 гранкови синдикати од вчера влегоа во зградата на ССМ. Тие бараат Живко Митревски, долгогодишниот молчалив и послушен синдикален лидер, да ја напушти узурпираната претседателска позиција.

За Димовски кој во меѓувреме беше хоспитализиран ваквото однесување е директно поддржано од актуелниот министер за труд и социјална политика и се уште актуелната Влада.

Еве што напиша тој во своето соопштение:

,,Вчерa, Министерството за труд и социјална политика лиферуваше соопштение според кое Заменик министерот, наводно донел решение со кое љубимецот и приврзок на власта Живко Митревски, по нарачка, повторно го устоличи за претседател на ССМ.

Охрабрен од ваквиот чин и поддршка од власта, денес во утринските часови Живко Митревски со група од 40-тина рекетари, насилнички упадна во зградата на ССМ исфрлајќи ги работниците кои ја бранеа од неговото самовластие и криминали и со умисла повредија дел од работниците меѓу кои и В.Д. Претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Со тоа власта и рекетарите му овозможија на Живко Митревски несметано да ја резлизира својата болна идеја, да се ослободи од синдикатите кои му даваат отпор. Како што самиот најави, тој денеска ќе ја реализира својата замисла и на најбрутален начин, нема да ги исели, туку насилно ќе ги исфрли стварите и архивите на овие Синдикати.

Очигледното невладеење на правото и не фукнционирањето на институциите, Централниот регистар, Јавното обвинителство и Управниот суд доведоа до ескалација на насилството и потврда дека во Р. Македонија институциите ги заменуваат мафијашко – криминални групации. Со тоа дефинитивно е ставен печат дека ССМ и имотот е во приватна сопственост на Живко Митревски. Затоа тој целиот изминат период не бираше и натаму нема да бира средства како да го оствари тоа и покажа дека неговите главни интереси се моќ, пари и власт. Во таа насока тој никогаш нема да прекине да биде послушник на власта и со тоа никогаш ниту бил ниту ќе биде претставник на работниците.

Членството и досега знаеше за чии интереси работи Митревски, а сега и на севкупната јавност и стана јасно како функционира тимот мафија – власт – Митревски. Меморандумот за соработка што Митревски го потпиша со ВМРО ДПМНЕ му ја гарантираше ваквата разрешница против оние кои ниту мислат, ниту прават како него.

Синдикатите кои и досега се бореа против криминалите на Живко Митревски и покрај тоа што знаат дека сме заробена држава и имаме заробен ССМ, нема да се откажат од институционалната борба и отпор против самоволието на Живко Митревски. Затоа ги повикуваме членовите на синдикатите, работниците и граѓаните кои се подготвени да ни дадат поддршка, во понеделник да дојдат пред зградата на ССМ и дефинитивно да му кажат ЗБОГУМ на Митревски, да му покажат дека местото му е надвор од ССМ и дека власта нема да може уште долго да го држи на апарати и вештачки да го одржува во живот,, се вели во соопштението потпишано од ВД Претседател М-р Дарко Димовски.