Синдикат на МДС: Државни и дипломатски службеници вршат агитација меѓу иселениците

Дипломатски претставник во амбасадата во Париз и државниот службеник Дарко Стефановски вработен во Министерство за култура, неодамна престојувале во Париз каде во црквата Св.Кирил и Методиј, со помош на црковните претставници, вршеле недозволен повик и агитација за масовно излегување на претстојните избори за да се изгласа пратеник од македонска националност-информира Синдикатот на македонската дипломатска служба.

,,На одржаната литургија во Црквата Св. Кирил и Методиј во Париз, според нашите сознанија, присуствувале еден претставник од нашата Амбасада во Париз (дипломат со високо дипломатско звање) и економскиот промотор (независно од тоа чиј претставник е) заедно со партискиот тим кои претходно вршеле агитација и им нуделе на нашинците што живеат таму, тие за нив да го направат пријавувањето за гласање на претстојните парламентарни избори во РМ. Ваквото присуство на Амбасадата и економскиот промотор на еден верски обред во верски објект кој бил искористен за пријавување на изборите, е исто така скандалозен, а претставува очигледен пример на партиско- црковно неодвојување од државата-се вели во соопштението на Синдикатот.

Според сознанија на Синдикатот на МДС, државниот службеник вработен во Министерството за култура Дарко Стефановски допатувал во Париз на 9-ти ноември и бил во просториите на Амбасадата заедно со партискиот тим на “помагачи”, на 10 и 11 ноември 2016 година, односно до крајниот рок за пријавување на гласачите од дијаспората. Инаку, Стефановски како партиски емисар престојувал во Франција и за време на пријавувањето за гласање за изборите во 2014, за што сведочат неговите фотографии од средби, одржани во средината на март 2014 со нашите граѓани во Руан и една заедничка фотографија со одделни членови на нашата дијаспора инаку партиски “претставници” во Париз. За разлика од 2014 г., овој пат вратите на Амбасадата на Република Македонија во Париз му биле “ширум” отворени, а одделни вработени во Амбасадата му овозможиле сесрдна логистичка поддршка, меѓу другото и користење на службените фиксни телефони на Амбасадата, а заради прибавување што поголем број пријави до крајниот рок. Ваквото овозможување и користење на Амбасадата, претставува драстичен пример за злоупотреба на нашата дипломатија во партиски цели-смета Синдикатот.

,,Имајќи предвид дека располагаме со фотографии од некои од овие настани, сметаме дека со ова наше јавно обраќање се исполнети условите Министерството за надворешни работи да спроведе сопствена истрага за тоа како дошло до злоупотреба на Амбасадата во Париз и нејзиниот персонал за партиски, предизборни цели и активности и да се утврди соодветно одговорност за тоа. Истово важи и за Министерството за информатичко општество и администрација.

Воедно ги повикуваме и охрабруваме нашите колешки и колеги, кои во моментов работат во нашите ДКП-а, да му ги сигнализираат на Извршниот одбор ваквите и слични манипулации и злоупотреби, како што ги воочиле за време на пријавувањето, така и евентуалните идни вакви случувања, а посебно на денот на гласање на дијаспората, сабота, 10-ти декември 2016 г,,-се вели во соопштението на Синдикатот на МДС.

Синдикатот искажува сомнеж во вистинитоста на бројките на пријавените наши граѓани за гласање во странство.

Синдикатот на македонската дипломатска служба во неколку наврати укажувале на огромните манипулации направени со дијаспората и во неколку претходни изборни циклуси. Користејќи говор на омраза, националистички пораки и поттикнување на верска и национална омраза, државни и дипломатски службеници агитираат од партиска позиција и вршат злоупотреба на службена положба запишувајќи ги иселениците да гласаат на изборите во декември.

Синдикатот на МДС ги објави јавните повици на лицата кои вршеле агитација меѓу иселениците во Париз:

“Здраво јас сум Дарко Стефановски еден од администраторите на на FB страната на Македонци во Франција. Ви пишувам со цел да ве информирам дека во тек е пријавувањето на Македонците кои живеат во странство за можноста за остварување на гласачкото право на престојните избори во РМ кои ќе се оддржат на 11 декември оваа година.Излезноста на овие избори е многу значајна затоа што од тоа зависи дали пратеник од дијаспората ќе биде македонец или албанец. Ви пишувам за да ве прашам дали сте заинтересирани за гласање и за постапката околу пријавување околу која ние ќе ви помогнем…која иако е прилично едноставна, сепак за тој што првпат се пријавува да гласа надвор од РМ во дијаспората може да биде и малку збунувачка. Заради тоа и се организиравме да можеме да му помогнеме и олесниме на секој македонец кој сака да се пријави … да може полесно да го направи тоа или ние да го направиме да го пријавиме за гласање во негово име во амбасадата на РМ во Париз.”

На иста линија е и “црковната” објава на FB страната на “Македонци во Франција”

Потсетување !!

,,Денеска, Недела во 10:30ч. Ве покануваме во Црквата Св. Кирил и Методиј во Париз..да дојдете на литургија..на која ќе присуствуваат претставници од македонската амбасада… и тим кој ќе може да го направи пријавивањето за престојните парламентарни избори во РМ за вас.

Потребно е со вас да носите важечки македонски пасош или лична карта и документ за регулиран престој во Франција (carte de séjour, француски пасош, работна или студентска виза).

Почитувани пријатели !

Рокот на пријавување за претстојните парламентарни избори во РМ е до 11 Ноември (петокот кој доаѓа). Апелираме за што по големо пријавување на наши граѓани да можат да го остварат правото на глас. Да не дозволиме дијаспората да добие пратеник што не го посакува!“ „Религиозната“ е надополнета и со “партиска” објава на истата, односно FB страната на “Македонци во Франција”: “Партии од македонскиот и од албанскиот блок веќе на големо ги имаат активирано своите задгранични комитети во обид да привлечат што поголем број иселеници да излезат на гласање. Но, како што дознаваме, досега најактивни се ДУИ. Нивните комитети во Европа, особено во Швајцарија, Германија и во Австрија, агитираат Албанците масовно да се пријават и да излезат на гласање на 11 декември.

Процените се дека на овие избори лесно може да се случи дијаспората да остане без ниту еден или, пак, само со еден претставник во македонското Собрание. Доколку биде избран само еден пратеник, голема е веројатноста тоа да биде кандидатот на ДУИ од Европа.“-се вели во објавата на претставници на МПЦ во Франција”.