Синдикат на М-НАВ: Се вработуваат роднини на министри, очекуваме крах на системот и можни катастрофи во воздушниот простор

Во М-НАВ, државно претпријатие во кое се исплатуваат плати седум-осум пати повисоки од просечната, од минатата недела е вработен роднина на еден министер од актуелната влада. И таткото на нововработениот работи во М-НАВ. Синчето не успеало да влезе на првиот оглас, зашто не ги исполнувало условите, ама за него бил распишан и втор оглас. Претходното работно место му било во една од компаниите во зоната „Бунарџик“, пишува Независен весник.

Бројката на нововработени со блиски релации со министри, директори и актуелни политички лица е неутврдена, затоа што, како што велат извори на „Независен весник“ од М-НАВ, „не можеш сите што работат кај нас да ги сретнеш во ходник, а никој официјално не кажува кој е вработен по огласите“. Повеќе информации нема ниту репрезентативниот синдикат.

„Систематизацијата на работни места, како акт според кој се примаат работници, се менува на дневна основа. Иако законот обврзува, Синдикатот ниеднаш не е консултиран за измените. Раководството нема проекција, нема годишен план за вработувања, туку систематизацијата се менува кога некој ќе им се јави. Како Синдикат, чекаме крах на системот, и потоа ќе го правиме од нула“, ни изјави Александар Тасевски, претседател на синдикатот на контролори на летање. Заедно со уште еден од помалите синдикати во М-НАВ, во април го информирале и ресорниот министер за „алармантната состојба во М-НАВ“, затоа што, како што стои во дописот: „овој менаџерски тим нема ниту капацитет ниту интерес да го спроведе она што го бараат европските инстанции од М-НАВ“. Синдикатот му укажал на министерот дека се можни катастрофи со последици по животи на луѓето што го користат воздушниот превоз.

Ама и сопругата на шефот на кабинет на тој министер влегла на еден од поновите огласи за вработување во М-НАВ. На листата на вработени синови, ќерки, браќа, сестри и внуци се наоѓаат и синот на директорот на еден од социјалните фондови, сестрата на еден од вицепремиерите, внуците на директорот на телекомуникацискиот оператор и на висок претставник на помалиот коалициски партнер, синот на пратеничка од истата партија…

„Имавме листа на вработени блиски до власта, кога беше владата на ВМРО-ДПМНЕ. Ништо не се промени, таа листа само се зголемува, сега со блиски до СДСМ. Оние што се блиски до ДУИ се вработуваа и тогаш и сега“, велат извори од М-НАВ.

Извор:Независен весник