Сите го демантираат, бараат извинување или ќе го тужат Чилиманов

Десетина невладини организации кои беа посочени како платеници на Сорос за дестабилизација на Македонија од страна на основачот на СОС Цветин Чилиманов, најавија тужби доколку не се извини и објавија деманти.

Здружение „Аква“ од Струга нема намера да полемизира со Цветин Чилиманов, ниту да му објаснува што и како работи здружението, ниту има намера да му помогне да излезе од неговите филмови за наводни непријатели на Македонија.

Го повикуваме, за нас целосно непознатиот Цветин Чилиманов, во рок од 7 дена да се извини за сите лаги и клевети изнесени за З.Р.А. „Аква“ од Струга, на неговата прес-конференција одржана на 04.02.2017, поточно за изнесените лаги дека во „критичниот период“ сме примиле 19.000 евра од „Сорос“ и за лагата дека сме локален штаб на СДСМ.

Во спротивно неговите тврдења ќе треба да ги докаже на суд-велат од оваа НВО.

Не сме примиле 19.000 евра од Сорос, се вели во демантот на оваа невладина.

Здружението на граѓани „Младински образовен форум”  изразува несогласување и револт за објавените неточни информации на прес конференцијата на тројцата претставници на „Стоп операција Сорос“  одржана на 4 февруари 2017, како и на написите на повеќе медиуми кои ги пренесуваат штетните и тенденциозни информации пласирани од говорниците.

На прес конференцијата и голем дел од написите поврзани со неа се пренесуваат неточни, малициозни информации во врска со средствата кои ги користи организацијата, нивната намена и активностите на МОФ.

Податоците презентирани за финансиските транфери на организацијата се погрешни и неточни, како и инсинуациите за нивната намена. Сите средства кои ги користи МОФ се добиени преку аплицирање со активности дефинирани од самата организација и за истите редовно се одговара пред донаторите и институциите.

Тврдењата дека организацијата е „крајно партизирана“ се неосновани, а МОФ како организација нема никогаш поддржувано партија или партиски кампањи.

Невладината организација КХАМ од Делчево најостро ги осудува лагите и клеветите искажани кон нашата организација од граѓанското движење „Стоп операција Сорос .
Најостро ги отфрламе овие лаги и клевети со напомена дека „КХАМ“ од Делчево
никогаш нема користено ниту пак ќе ги користи своите финансиски средства за
политичка кампања на ниту една политичка партија.

НВО „КХАМ“ од Делчево повеќе од 18 (осумнаесет) години непрекинато работи во
насока на подигање на образовното ниво на ромската заедница, како и подобрување
на нивната социо-економската положба, не запоставувајќи ги и другите
маргинализирани заедници во државата.

Свои деманти ибарање за извинување или тужби објавија и невладините фондација Фокус, Младински културен центар Битола, ПАКТИС-Прилеп, Здружение на граѓани Патокази и други.

 

Цветин Чилиманов, еден од иницијаторите за формирање на движењето, вели дека поседуваат докази за сето изнесено, но истовремено, како што коментира тој, ниту една од овие невладини не ги демантирале објавените суми на плати на високите функционери на фондацијата на Сорос.

– А зошто немаше тужби, закани или деманти за платите на високите функционери на Сорос? Јасна е нервозата во оваа организација откако американскиот Kонгрес најави дека ќе спроведе истрага, јасна е вознемиреноста и во американската амбасада, не можат да го сокријат фактот дека со години финансирала партиски поврзани и испреплетени организации, вели Чилиманов.

 

АКО.мк