Си беше еднаш една Влада

пишува: проф.д-р Катерина Тодороска

Во обликувањето на мојот приватен и интелектуален развој, покрај родителите, имав чест да учествуваат и многумина други лица, на кои сум им бескрајно благодарна за сѐ научено од нив.

Меѓу другите, тука беа и Иван Катарџиев и неговата сопруга, тетка Нада. Нашето пријателство се темелеше на долгогодишното познанство на Катарџиеви со семејството на мојот сопруг, а се развиваше со децении врз основа на заедничките теми околу македонското секојдневие и историската наука.

Чичко Иван ги печеше најубавите кикирики, кои со пиво и содржајни разговори беа вистинско задоволство. А кога тој сакаше нешто да потенцира, секогаш, го користеше зборот, извонредно, така што ние имавме извонредни дружби. А јас, денес имам, извонредни спомени од моите многу почитувани и многу сакани Катарџиеви.

Во 2003/04 година со чичко Иван подготвувавме еден проект „Сто години по Илинден“ кој беше вистински предизвик. Тогаш говоревме за Привремената влада на Крушевската република во која партиципирале луѓе со многу животно исуство и многу знаење од областа која ја покривале. Историјата ќе ви раскаже дека Привремената влада ја сочинувале:

Дину Вангел – претседател на Советот и одговорен за правосудство.

Ѓорѓи Чаче – секретар на Советот и одговорен за реквизиција.

Теохар Нешков – касиер и одговорен за финансии.

Христо Ќурчиев – градоначалник и одговорен за полиција.

Димитар Секулов – одговорен за прехрана и производство.

Никола Баљу – одговорен за санитарниот сектор, на Баљу му биле поставени на располагање и лекарите д-р Никола Димко и д-р Батал.

            Коментирајќи ја крушевската Влада, заедничкиот заклучок беше дека случајности во изборот на членовите на Владата немало, а тоа се темелело на сознанието дека сериозноста на состојбите ги побарувала најдобрите и најсериозните кадри за справување со актуелниот момент. Несреќниот крај на оваа Привремена влада и нејзиното 10-дневно работење никако не значи дека од нејзиниот состав нема што да научиме.

            Во тоа време, во Македонија на власт беа некои нови клинци, па во текот на работата на проектот, во разговор со чичко Иван го прашав кога ние, како суверена држава ќе добиеме една Влада со стожерни луѓе. Одговорот беше: Сѐ додека децата си играат држава, сѐ дотогаш ќе биде „Си беше една Влада“.

            Одејќи по историската врвица на македонската држава, стигнавме и до времето кога по воведувањето на политичкиот плурализам и по одржувањето на првите повеќепартиски парламентарни избори во 1990 година од Собранието на Република Македонија на 20 март 1991 година беше избрана експертската, техничка влада на чело со Никола Кљусев. На оваа Влада ѝ претходеше Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија, донесена на 25 јануари 1991 година, а основна цел на таа Влада беше конституирање на Република Македонија како независна држава. Во текот на мандатот на оваа влада е одржан референдумот за независност на Македонија и е усвоен Уставот на Република Македонија. Исто така, во мандатот на оваа влада, Македонија монетарно се осамостои.

            И оваа Влада беше предмет на долги разговори, а заклучокот беше дека стручноста на членовите била неспорна, а особено на министерот за наука, Ѓорѓи Ефремов. И повторно, на неколку мои воздишки по изборот на кадри во секоја Влада, чичко Иван забележа: Некој ден ќе мора да се сменат работите, а дотогаш ќе си пишуваме „Си беше еднаш една Влада“.

            Проектот го завршивме, ама чичко Иван имаше толку многу идеи и толку многу материјали за обработка, што проектите не престануваа.  Секако, со тоа и нашите средби во домот на Катарџиеви, стануваа сѐ поинтензивни.

Многу теми за муабет наоѓавме и во секојдневните случувања во историската наука, во потезите на Министерството за наука/Министерството за образование и наука.

Тетка Нада беше виртуаз за плетење на чингелаќе, па често се смеевме дека има исплетено повеќе километри конец отколку што ние имаме напишано текстови. И така, во текот на годините разглобувавме и за формирањето на Владите, како од СДСМ, така и од ДПМНЕ, кои во Македонија се менуваа соодветно со честотата на предвремените избори кои станаа веќе констатна во општеството. Секако, после укинувањето на Министерството за наука во 2000 година од страна на ДПМНЕ-то, нам најважни ни беа првите луѓе во Министерството за образование и наука. Според, денешните резултати во оваа област едно е јасен ефектот од нивната работа. За некои од министрите, коментиравме дека иако имаат капацитет за да ја подигнат науката и високото образование на повисоко ниво, тие одлучуваат да се впуштат во „пренамена“ на средствата во други канали.

            И така, во едно време невреме, во 2013 година, на чело на Министерството за образование и наука беше поставен правникот по едукација и дотогашен министер за труд и социјална политика, Спиро Ристовски. За него знаевме дека работел како правник во приватниот сектор, па во 2007/08 како партиски кадар на ДПМНЕ, бил заменик-директор на агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС). Ама, човекот ептен се покажал во супервизијата, па доби функција министер за труд и социјална политика во периодот 2011–2013 година. Откако, експресно ги „реши“ сите проблеми во Министерството за труд и социјална политика, се премести во фотелјата во Министерство за образование и наука. Кога го коментиравме овој ДПМНЕ-јски избор за министер во едно од најважните Министерства во државата, чичко Иван во негов стил забележа дека одамна е загрижувачка состојбата со „ротирање“ на извонредно некадарни и интелектуално боси личности. Чичко Иван беше член и еден од стожерите на СДСМ и лично мислам, дека недоволно беше искористено неговото животно искуство од партиските раководства на партијата. Ама, нејсе.

            Да се вратам на муабетот за Владата во која Спиро Ристовски, од немајкаде стана министер за образование и наука. Мојата најголема дилема за тој состав беше крајната некомпетентност на личностите избрани за министри, понижувачката леснотија во „ротирањето“ на фотелјите и функциите на едни те исти фацки, неодговорноста кон она што се прифаќа без никаква одговорност за НЕсработеното на претходните функции итн. итн. Чичко Иван забележа дека само извонредно емотивно и професионално лабилна личност не може да процени за што ја бива, а за што не. Дополнително, според него, тоа се личности кои би биле никој и ништо ако не се на одредена функција. Често велеше: „Не е важно да си паметен, ниту убав, важно е да си на функција“.

            Многу брзо потоа, во јули 2014 година, Спиро Ристовски „ротираше“ на функцијата заменик министер за образование и наука, и оваа функција ја извршувал до 31 мај 2017 година. Резултатите од неговата „работа“ се катастрофални, ама затоа одговорност нема.

            Тетка Нада почина во 2016 година, а чичко Иван во 2018 година, а моите извонредни спомени од времето поминато со нив се само една од причините што редовно го посетувам нивниот вечен дом.

            Утринава бев да ги посетам и да им кажам, дека и сега имаме нова Влада со „ротирачки“ министери и функционери, само што се од извонредно саканата им партија.

            Така што, пријатели, до некое друго време, како историчар ќе пишувам „Си беше еднаш една Влада“.