Скандалозно интервју на премиерот Заев за бугарската агенција БГНЕС

Македонскииот премиер Зоран Заев ја шокираше македонската јавност со последното интервју за бугарската агенција БГНЕС.

Тој откако се пофали вчера дека се многу блиску до договор со Бугарија за разликите околу македонскиот идентитет и јазик, даде интервју во кое ги повторува бугарските ставови за нивната улога во Македонија за време на Втората светска војна.

,,Бугарија не е фашистичка земја, таа е наш пријател. Ние, двете земји, мора да бидеме доволно паметни да ја искористиме оваа заедничка историја за да изградиме мостови на пријателство. Затоа велиме дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој се борел за слободата на Македонија, за Одринско и за сите. И ова е апсолутна реалност“, дециден е Заев.

Тој во интервјуто информира дека е испратен документ во Бугарија во кој се потенцира дека С. Македонија нема територијални претензии, дека нема да се меша во внатрешните работи на Софија и дека нема побарувања за малцинствата.

Според македонскиот премиер, нема простор за говор на омраза во релациите меѓу двете земји и најавува казни за оние коишто ќе го поттикнуваат.

„Лично, ја потврдувам нашата позиција целосно да му се спротивставиме на говорот на омраза, што мора веднаш да запре. Активистот од ВМРО-ДПМНЕ, кој го запали бугарското знаме, ќе сноси одговорност“, вели Заев. 

Заев дава скандалозно видување за улогата на бугарскиот фашисти за време на Втората светска војна:

,,Ние веќе, мислам дека има преку 20-тина табли во државата сменето каде што стои „бугарски фашистички окупатор“. Тоа не е така! Бугарија не е фашизам. Бугарија е нашиот пријател. Имало некогаш, некоја администрација, во тој момент на почетокот. После тоа Бугарија се крева заедно со антифашизмот, се бори за слободата, за демократијата и апсолутно е дел од антифашистичкиот фронт. Бугарски и македонски војски ослободуваат територии, еве знаеме, Крива Паланка, Куманово целиот регион, Скопје и во целиот овој дел“, вели Заев.

Тој недипломатски го понижува и претседателот Пендаровски:

,,Верувајте, претседателот Пендаровски ѝ е пријател на Бугарија. Не е толку искусен политичар, како што е Зоран Заев“-, коментира македонскиот премиер сам за себе во интервјуто за софиската агенција БГНЕС во врска со ставовите на шефот на државата наспроти бугарските позиции кон евроинтеграцискиот процес на С Македонија.

Од кабинетот на Стево Пендаровски велат дека претседателот нема да ја коментира изјавата на премиерот.

Заев посочува дека Пендаровски работеше со претходните претседатели Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, а дека до изборот за шеф на државата беше национален координатор за НАТО.

„Тој е сериозен општественик и е ангажиран целосно на пријателството со нашите соседи и со Бугарија и, секако, на нашата интеграцијата во НАТО и ЕУ. Некогаш, верувам дека и јас, не само тој, не сме доволно внимателни со зборовите. Ви кажувам отворено, дека во неговата душа и неговиот памет се комплетно желбата и сонот за големо пријателство, кое го имаме, но треба да го доизградиме и тој е голем поддржувач на договорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија“, одговори Заев на прашањето на бугарскиот новинар.

Пендаровски не ги коментира ставовите на Заев.

Опозициската ВМРО дпмне, пак предупредува Заев да не си игра со македонскиот јазик и идентитет.