Скандал со злоупотреба на субвенциите за печки на пелети во Министерство за економија?

Извор на АКО.мк, кој сака да остане анонимен, испрати докази за злоупотреба на средствата за субвенции на печки на пелети. Од приложеното може да се види дека членови на исто семејство, добиле неколкукратни субвенции од 500 евра, иако живеат во иста куќа и користат само една печка на пелети, која патем е набавена пред неколку години, а не според условите од септември минатата година. 

 Министерството за економија, минатата година објави два огласа за субвенции за користење на печки на пелети. Вториот оглас беше објавен на 26 ноември 2018 година, а веќе на 6 декември министерството објави дека се исцрпени дополнителните 7 милиони денари за субвенции. Право на учество по огласот имаа купувачите на печки на пелети во своите домови од 01.09.2018 до 12.12.2018 г. и кои ќе приложат фискална сметка или фактура со извод од деловна банка. Условите во огласот предвидуваат едно лице да не може два пати да конкурира, а од документи се бараат фискална сметка и потврда кога е купена печката. Принципот за добивање субвенција е прв дојден, прв услужен. На 28 декември беше објавена листата на добитници. Според списокот 209 лица добиле субвенции кои се движат најмалку од 50 проценти од вредноста на печката, најмногу до 500 евра.

,,Скандалозно и срамно е што добитници од Делчево се 3-4 фамилии  и истите тие  имаат поставено печки на пелети пред 3 и повеќе години.Фалсификатор на документите и оној кој одлучувал кој да биде добитник на 500 евра, е сопственик на фирма специјализирана за инсталации за греење и клима уреди. Истиот тој , со фалсификувани документи овозможил 4 членови од неговата фамилија да добијат субвенции од по 500 евра. Останатите фамилии кои добиле субвенции се лица кои се вработени во царинската испостава Делчево. Не случајно се тие лица, бидејќи преку граничниот премин Делчево, истото лице постојано пренесува печки на пелети, радијатори и други приклучни елементи, без да плати давачки на државата, па за возврат за ,,услугата” од цариниците, им фалсификува документи и посредува во Министерството за економија да добијат субвенции. Добитници на субвенции се уште две семејства во Делчево, чии членови живеат во иста куќа, користат по една печка, а добиле по две субвенции по семејство“-тврди нашиот извор, кој испрати список на ддобитниците, со име и презиме на сите горе спомнати и нивните семејни врски.

Наводно, во овој скандал учествуваат лица вработени во Министерство за економија.

Ако се види списокот на објавени добитници на субвенции за печки на пелети, може да се забележат и други вакви случаи на лица со исто презиме од ист град. 

Министерот за економија Кресник Бектеши, лани при објавувањето на вториот повик, рече:

„Овие нови 220 домаќинства кои ги очекуваме на вториот повик ќе се придружат на групата од 453 домаќинства кои ги исполнија условите и аплицираа на првиот повик за субвенции на печки на пелети до исцрпување на средствата, за кои е веќе реализирана исплатата на обезбедените 14.000.000 денари. Значи, со овие дополнителни 7 милиони, кои ги промовиравме денеска, Министерството за економија годинава обезбеди вкупно 21.000.000 денари само за оваа мерка. Да потсетам дека годинава беа активни уште две мерки, при што за замена на старите прозорци со нови ПВЦ или алуминиумски прозорци 30 милиони денари беа распределени на 1005 домаќинства, додека за купување и вградување на сончеви термални колекторски системи со обезбедените 6 милиони денари субвенциониравме 517 домаќинства“, нагласи тогаш министерот Бектеши.  

Оваа мерка беше воведена од Владата на Никола Груевски, кој ја најави на крајот на својот мандат во мај,2016 година.

,,Проектот за поддршка на греење со пелети ќе започне да се спроведува од 2017 и ќе трае до 2020 година. Ќе бидат инвестирани по 3,5 милиони евра годишно, значи вкупно за 4 години 14 милиони евра. На годишно ниво за поддршка на домаќинствата, а заради поздрава животна околина, ќе се потрошат 2, 5 милиони евра  и 1 милион евра за системи за греење за поголеми потрошувачи“-рече тогаш Груевски.

Новата Влада ги продолжи сите проекти на Груевски, а субвенционирање за греење на пелети спроведува и Град Скопје.

Министсертвото за економија има право да ги посети добитниците на субвенции и да ја провери веродостојноста на нивните изјави, но досега нема информација дека се направени такви контроли.

Актуелно-објективно побара објаснување од министерот за економија за сите овие сомнежи и наводи. 

Во очекување на неговиот одговор, интересно е да се види дека ова министерство има голем буџет за субвенционирање во разни области. Досега јавноста нема видено отечет за исправноста или бенефитит од сите овие мерки. 

Се работи за милионски суми народни пари кои се одлеваат со изговор заштита на животната средина. 

Министерството за економија врши субвенции при набавка на печки на пелети, пвц прозорци, сончеви колектори, туристички проекти, мали и средни претпријатија и друго.

АКО.мк