Скопски саем: Лажната вест дека сме банкротирани е само за да се оправда уривањето на саемските хали

По повод информацијата излезена во одредени портали дека Скопски саем е банкротиран, а со цел правилно да ја информираме јавноста, Групациjа Скопски саем НАЈОСТРО ја демантира оваа информација, се вели во соопштението од Скопски саем.

,,Очигледно целта е да се оправда најавеното уривање на саемскиот простор, односно деловните објекти во кои до сега се одржуваа саемските манифестации на Град Скопје и Република Македонија и кои сe единствени, во кои може да се спроведуваат вакви манифестации.

Би сакале да информираме дека Скопски саем е еден од најстарите брендови на Град Скопје кој постоел 67 години и ќе постои во иднина. Групациjата Скопски саем ја става на располагање својата домашна и меѓународна деловна мрежа на сите институции, деловни субјекти и проекти со цел развој на економијата во Република Македонија.

Групациjа Скопски саем е единствениот саемски оператор, член на 3 светски и европски Саемски Асоцијации преку кои на редовна основа се разменуваат бизнис идеи, деловни соработки и споделувања на know-how во овој сегмент кој е клучен за економскиот развој на секоја земја.

Ве информираме дека Групациjа Скопски саем побара одржување на манифестациите во постоечките хали, но вештачките услови кои што беа поставени од новиот сопственик не дозволија одржување на истите.

Групациjата Скопски саем е во активна комуникација со Владата на Република Македонија и општина Гази Баба за изнаоѓање на трајно решение Град Скопје и Република Македонија да не останат без саемски простор“-се вели во демантот.

Нивната реакција следуваше по веста дека еден од најбогатите бизнисмени од Албанија, Самир Мане,  најави дека во мај ќе започне изградбата на инвестициски комплекс на местото на стариот Скопски саем, вреден 300 милиони евра.

Тој минатата година, како што тогаш беше објавено,   го купил банкротираниот Скопски саем.

 Големиот комплекс со станбени и деловни згради ќе се протега на површина од 155.000 метри квадратни, соопшти компанијата „Скопје Ист гејт“ минатата есен,  чиј мнозински акционер „Балфин груп“ го изгради трговскиот центар Скопје Сити Мол.

Уривањето на Скопски саем ќе почне во мај.

„Балфин груп“ неодамна го откупи имотот на банкротираниот Скопски саем од банките доверители за 21 милион евра.

Трговскиот центар се очекува да се отвори кон крајот на 2020. Заедно со трговскиот центар се планира да се изгради и станбен и деловен простор кој ќе биде завршен во текот на следните 5 до 7 години.