Скопје е отруено од палежи на ѓубре, пластика, гуми и секаков отпад

Нема јунак во градот и државата што сака , знае и може да се справи со континуираното труење на жителите на Скопје и околината.

Секоја вечер, жителите на Аеродром и Ново Лисиче се изложени на отров во воздухот од постојаните палежи на секаков вид отпад долж течението на реката Вардар и наводно затворената депонија Вардариште. Густ црн чад се издига над нашите глави, очите печат, ноздрите штипат од киселкастиот мирис на испуштените отрови од нечии оџаци. Освен повремени акции на Градскиот инспекторат по пријава на граѓани, Министерството за екологија и заштита на животна средина, ништо не презема, како да не постои, а министерот едноставно исчезна. Никаде го нема.

Последен пат Инспекторат на Град Скопје повторно интервенираше на пријава на жители на Аеродром.

,,Со брза интервенција на Инспекторатот на град Скопје, го лоцираше и казни сторителот. Се работи за лицето Б.К. на улица 520 Ќерамидница – Гази Баба каде во сопствениот двор вршеше спалување на кабли. Известена е и МВР“-објави инспекторатот.

Ова е дивата населба со Роми кои со години живеат тука и вршат континуирано загадување на околината на разни начини. Дополнително и жителите на Керамидница и оџаците на топланата, сѐ заедно, црни отрови за бели дробови:

Дивата населба се протега речиси низ целото течение на реката Вардар, концентрирана најмногу од страната на Гази Баба до Вардариште, потоа под и околу мостовите кон Александар Палас, продолжува на страната кон Бардовци , па се до населбата Ѓорче Петров.

Оваа фотографија е направена на потегот од Влада до Александар Палас каде може да се најдат гетоизирани диви населби, чии жители секојдневно палат кабли, пластика, автомобилски гуми. Граѓаните кои ги чувствуваат последиците од црниот чад и гареж, велат дека секојдневно пријавуваат на 193, во полиција и пожарна, но ретко кога некој излегува да интервенира.

(Фото: Марина Костова)

 

Се жалат и жителите на  Карпош, Ѓорче Петров и Сарај, кои се обратија со допис до АКО.мк. Велат, изминатите 10 години нивните населби и домови се константно покриени со црн чад и јака миризба на запалено ѓубре.

Во населба Хром ,која се наоѓа помеѓу овие три општини, состојбата е ужасна. Очигледни се жаришта на повеќе локации, кои се повторуваат секојдневно. Повеќето локации се по течението на Вардар од страната на општина Сарај, Крушопек и село Лака, како и во Нерези во близина на Вила Веранда.

Жителите имаат информација дека општина Сарај нема депонирано ѓубре во Дрисла од минатата година. Исто така, велат дека отпадот од домакинствата се собира од страна на приватни лица во повеќе села и градски општини. Собраното ѓубре го палат транспаренто и видливо со голо око, а полицијата не презема ништо .

,,10 години пријавуваме секојдневно, постојат безброј записници, разговорите што ги водиме со полицијата се Monty Payton. Проблемот со паралелен комуналец е присутен во цела Македонија, но во Скопје е опасен по живот поради котлинската местоположба. Со години се чудиме од каде доаѓа енормното загадување во Скопје, како прв град во светот по присуство на ПМ честички, а не се презема ништо за палењето на домакински отпад, речиси сред град“-се вели во реакцијата.

,,Во последниве неколку месеци Инспекторатот за животна средина на Скопје, поточно инспекторот Мирослав Богдановски, покажа интерес и се заложи за истражување и решавање на овој проблем. За првпат после 10 години се појави реакција на нашите пријави. Направи 1 или две екипи од по 2 инпектори и направија неколку контроли на самите локации. Информациите дека општина Сарај не депонира ѓубре и дека истото го горат приватни лица/фирми се резултат од контролите на инстекторите. Дознаа дека луѓето се принудени да го предаваат отпадот на криминални структури кои се бават со откуп , и за тоа домаќинствата плаќаат месечен надомест. После овие сознанија, инпекторатот објави дека од 1.10.2018 комунална хигиена ќе почне да го собира отпадот и од овие општини и населени места“- се вели во дописот.

Во јуни оваа година АКО.мк објави дека  камионите на Општина Сарај,кои го собираат сметот и градежниот шут, го исфрлаат на брегот на реката Треска, пред влезот на езерото Треска.

Дивата депонија е создадена од самата општина, односно од вработените кои го собираат сметот од овој реон, објавивме тогаш.

Од први октомври ЈП „Комунална хигиена“ ќе го собира ѓубрето и ќе ги чисти општина Сарај и Матка. Станува збор за површина од 18.000 метри квадратни во која спаѓаат населените места Љубин, Сарај, Крушопек, Лока, Грчец, Кондово, Шишево, Глумово, Долна Матка, Рашче, Арнакија.

Град Скопје преку неговото јавно претпријатие го презема и овој дел од градот кој досега го чистеше општинското претпријатие, бидејќи има голем број забелешки за чистотата.

„Одлуката за проширување на територијата за дејствување ја донесовме со една единствена цел, зголемување на нивото на чистотата и хигиената на градот на што поголем дел од територијата на град Скопје. Работиме да собереме податоци колку индивидуални домаќинства има да им дадеме канти за ѓубре за да не го носат ѓубрето во контејнерите“, рече директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани.

НО, ,,Комунална хигиена“ , Град Скопје и другите општини, не успеваат ни приближно да го исчистат градот и населбите и да го одржуваат на пристојно ниво. Хигиената и навиките на голем дел од жителите се на најниско можно ниво.

Нема идеја и стратегија како да се исчисти и одржува хигиената во цела Македонија, која е преплавена од ѓубре и диви депонии.

Не случајно многумина во лутина, не во шега, ја нарекуваат ЃУБРЕДОНИЈА.

Владата овој проблем не го третира, не разговара за него на највисоко ниво и не го подига приоритетот за негово решавање.

А треба да им биде проблем БРОЈ 1. И тоа долго време. Бидејќи не е само да се исчисти ѓубрето, туку да се најде соодветен начин на негово складирање, селекција уште во домовите, подигнување, дезинфекција на контејнерите, депонирање на соодветно место, во санитарни депонии , а сето ова проследено со агресивна кампања и едукација на населението и секако казни.

Ќе завршам со една крилатица од југословенско време-ХИГИЕНАТА Е ПОЛОВИНА ЗДРАВЈЕ!

 

Емилија Лазаревска