Словенија прогласи крај на епидемијата од КОВИД 19

Словенија е првата европска земја која и официјално со одлука на Влада прогласи крај на епидемијата и карантинот воведен поради корона вирусот.

На телефонската седница на Владата одржана вчера, согласно развојот на ситуација со КОВИД 19 во нивната земја, Словенците решија да ги укинат речиси сите рестриктивни мерки.

Националниот институт за јавно здравје оцени дека во Словенија сите показатели говорат дека епидемијата се смирува. Во последните 14 дена се регистрирани само 35 нови случаи на заразени од корона вирус.

Но, бидејќи сѐ уште постои опсност од ново ширење на заразата, на сила ќе останат одредени препораки, како што е социјалната дистанца и носење заштитна опрема во одредени случаи.

Словенците и државјани на ЕУ кои ќе дојдат во Словенија веќе немаат обврска да поминат задолжителни 7 дена во карантин.

Епидемијата во овааа земја беше прогласена на 12 март.

Досега се регистрирани 1.464 случаи, а починаа 103 лица.