Случајни минувачи се обиделе да ја спасат 17 годишната девојка

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар издаде Наредба за обдукција на телото на 17-годишна девојка која беше пронајдена синоќа во водите на Вардар. Според првичните информации, девојчето враќајќи се од училиште, поминувало низ градскиот парк во Гостивар, каде била нападната од куче. Бегајќи од кучето, таа паднала во надојдените води на реката. Случајни минувачи се обиделе да и помогнат, но не успеале.

Безживотното тело беше пронајдено доцна синоќа околу шест километри низводно по течението на Вардар, во близина на селото Балин Дол. Идентификацијата на телото ја извршија членови на семејството на сега починатата. Јавниот обвинител изврши увид и на местото на кое девојката паднала во реката и на местото каде што беше пронајдено нејзиното тело. Беше земен исказ од сведоци со цел да се утврдат точните факти за настанот, информира ОЈО.

И МВР го објави настанот во својот дневен билтен, но таму стои дека несреќната девојка била бркана од повеќе кучиња.

,,На 05.11.2018 година околу 19,15 часот било пријавено дека во Гостивар, 17 годишнa девојка од село Здуње, гостиварско, бегајќи од кучиња-скитници, паднала во водите на реката Вардар во близина на мостот. Веднаш по добивањето на пријавата, преземени се мерки за проноаѓање. Во 22,30 часот девојката е пронајдена почината во близина на мостот во село Балиндол, гостиварско. Извршен е увид и по наредба на јавен обвинител телото е предадено за обдукција“-се вели во соопштението на МВР.