Снег, виулица и ветер на Попова Шапка, скијачките терени затворени

Силен ветер го издува снегот од скијачките терени на Попова Шапка, така што ски службите цела ноќ мака мачеа со ратраците да го задржат на ски-патеките. Од утрина тие не се излезени на терен заради снежната виулица и студениот ветер, а жичарниците не се пуштени во употреба.

Скијачкиот центар на Попова Шапка планираше за денеска да ја отвори скијачката сезона, а скијањето цел ден да биде бесплатно, но заради вонредните временски прилики, неизвесно е дали ова ќе се реализира.

Инаку, тие претходно известија дека се целосно екипиран за непречено и безбедно функционирање на ски-терените. Во потребниот и планиран временски рок спроведени се редовните технички подготовки и активности , извршено е обележување на постојните патеки, а скијачките терени ќе се подготвуваат со механизација-ратраци, но ако за тоа има поволни временски услови.

Од утре, сабота 07.01.2017 година, ќе важат вообичаените цени за ски билетите. Во функција ќе бидат ставени жичарницата „Св. Илија“ и ски – лифтовите „Поток 1“, „Поток 2“, „Аеродром“ и „Ге“.

Сезонскиот билет е 10.000, дневниот билет, кој важи од 9 до 16 часот, ќе се продава по цена од 900 денари, полудневниот билет, кој важи од 12 до 16 часот, 600 денари, тридневниот билет е 1.800, седумдневениот 5.000 денари.

Билетот за ноќно скијање, кој важи од 19 до 22 часот, ќе чини 500 денари.

АКО.мк актуелно-објективно