Собраниските комисии се нетранспарентни и водат неквалитетни записници

Во рамките на проектот на „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“ Граѓанската асоцијација МОСТ  го објави третиот извештај од набљудувањето на работата на Собранието на РМ кој содржи податоци за неговата работа во периодот 1 јуни 2017 – 30 септември 2017 година.

 

Од анализата на обработените податоци добиени се следните наоди за работата на Собранието, комисиите и пратениците:

Анализа на законодавните постапки и фреквенциите на изменување на законите

  • Во периодот 1 јуни – 30 септември 2017 Собранието спровело вкупно 43 постапки за донесување или изменување на закони. 14 закони се донесени, 17 закони се во процедура, 3 се неприфатливи, а 9 се повлечени;
  • Од донесените закони, 1 е нов, а останатите 13 се измени на постоечки закони;
  • 12 закони се донесени по скратена постапка (86%), 1 по итна и 1 по редовна постапка;
  • Најмногу закони (6) се донесени во септември (43%);
  • Во еден ден, на 1 јуни 2017, донесени се 4 закони по скратена постапка, што претставува 29% од вкупниот број донесени закони во набљудуваниот период;
  • Само 1 закон (Изборниот законик) во набљудуваниот период бил изменуван повеќе од еднаш;
  • Во набљудуваниот период започната е законодавната постапка за еден закон за хармонизација со правото на ЕУ (Законот за употреба на јазиците) од предвидени 8.

Анализа на работата на комисиите

  • Во периодот 1 јуни – 30 септември 2017 седници одржале 18 од 21 комисија. Работата на комисите се анализира преку три категории: транспарентност, квалитет на записници и вклученост на засегнати страни
  • Транспарентност:
    • од 18-те комисии, само Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство има добиено над 50 индексни поени од можни 100;
    • записниците од седниците на комисиите не се објавени на веб-страницата на Собранието;
    • Во текот на набљудуваниот период одржани се 4 јавни расправи по предлог-закон и 3 јавни расправи на општа тема, а објавени се стенографски белешки од само 1 јавна расправа;
    • транспарентноста на работата на комисиите е на ниско ниво.

 

  • Квалитет на записниците:
    • од 17 комисии кои се индексирани во категоријата квалитет на записници, ниту една комисија нема добиено над 50 индексни поени од можни 100. 3 комисии имаат 43 индексни поени;
    • ниту една комисија не ги исполнила во целост пропишаните деловнички одредби за водење на записник од седниците;
    • неунифицираниот начин на водење и недоволниот квалитет на записниците, како и на објавените извештаи не овозможуваат целосен увид во работата на комисиите.

 

  • Вклученост на засегнати страни:
    • во периодот на мониторинг одржани се 4 јавни расправи по предлог-закон и 3 тематски јавни расправи;
    • Во периодот на мониторинг не е одржана надзорна расправа;
    • не е спроведена ниту една јавна дискусија, но на 7 седници биле присутни експерти и граѓански организации како засегнати страни;
    • покрај присуството на пратеници кои не се членови на комисиите, на седниците претежно доминираат претставници на извршната власт. Сепак, во набљудуваниот период забележано е повисоко ниво на вклученост на засегнати страни во работата на комисиите.

 

Анализа на работата на пратениците

 

    • 27 закони биле предложени од вкупно 89 пратеници;
    • Донесени биле 9 закони по предлог од вкупно 53 пратеници;
    • Неприфатливи биле 3 закони од вкупно 17 пратеници;

 

  • Во процедура се 9 закони предложени од 39 пратеници;
  • Повлечени биле 6 закони предложени од 28 пратеници.

 

 

Проектот „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“ ќе се спроведува до март 2018 година и предвидува објавување на периодични извештаи за Индексот на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието. Овие редовни извештаи ќе ја информираат јавноста, медиумите и граѓанските организации за работата на пратениците, и за начинот на кој Собранието ја извршува својата улога регулирана со Уставот на РМ.

Фото:Архива