Советникот Усеини почна сам да ја отстранува дивоградбата кај чинарот? (видео)

Изминатата сабота можеше да се види како работници внимателно ги вадат плочките од бетонската платформа на угостителскиот објект кај плоштадот Чинар во Охрид, која е дивоградба и не смее да бида со челична конструкција.

Инвеститор на дивоградбата во заштитеното градско јадро на плоштадот Чинар во Охрид е членот на Советот на Општина Охрид, Нефи Усеини, од ДУИ.

Љубопитни охриѓани кои набљудуваа, коментираа дека од утрината пристигнале неколку работници кои рекле дека се задолжени да ја отстранат цврстата градба за угостителскиот објект, за која Усеини нема дозвола за градба.

Тој уште во март доби решение од Општина Охрид во рок од десет дена сам да ги урне металната конструкција и платформата од бетон и цврста градба.

Во решението за уривање инвеститорот беше известен дека има право да се жали, но жалбата не го одложува уривањето. Градежната инспекција при увидот констатирала дека на охридскиот советник не му е издадено одобрение за поставување урбана опрема за 2019 година, но нема ниту одобрение за градење на деловите од цврста градба во заштитеното јадро на Охрид.

Работник ги вади плочките од бетонската ограда

Дивоградбата кај Чинарот се појави викендот на 9 и 10 март кога градежни работници со багери ја урнаа старата времена платформа и почнаа да градат нова.

Усеини како советник во Општината истовремено учествува во носењето на одлуките за легализација на градбите и поставување урбана опрема. Советот ја донел одлуката за поставување урбана опрема кај Чинарот во јануари годинава.

Притисокот на јавноста да се урне дивоградбата од заштитеното градско подрачје се зголеми по објавата на последниот извештај на УНЕСКО во кој имаше низа критики за загрозување на старото охридско јадро .

АКО.мк