Сонот на Глигоров за независна Македонија раскажан во интервју во 1993 година

Денеска се навршуваат 5 години од смртта на првиот Претседател на Република Македонија Киро Глигоров. Тој почина на 1 јануари 2012 година на 94 години. Глигоров е роден на 3 мај 1917 година во Штип.

Беше Претседател на Република Македонија од нејзиното осамостојување  во мандатот од 27 јануари 1991 година до 19 ноември 1999 година, а на 8 септември граѓаните со над 90 проценти гласови рекоа ДА за независна РМ. Тој е еден од најзаслужните за мирното одвојување на Македонија од СФРЈ. Во едно од првите интервјуа како Претседател за француска телевизија зборуваше за неговиот и сонот на сите што живеат во Македонија, земјата  да се етаблира  во светските институции и да биде признаена како држава. Интервјуто е дадено во 1993 година во фебруари.

Глигоров имаше долгогодишна кариера како политичар во СФРЈ. Учествуваше во двата клучни периоди на создавање и осамостојување на Македонија. Во почетокот на мај 1944 година станал член и секретар на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ и учествувал во подготовката на политичкиот реферат. На Првото заседание на АСНОМ, Глигоров бил секретар на Президиумот и заедно со Малинска го водел записникот на седниците. На Заседанието бил избран за член на АВНОЈ и потоа бил испратен на Вис како претставник на Македонија во АВНОЈ.

По завидната 50 годишна кариера во Белград, се пензионирал во 1987 година, меѓутоа бил ангажиран во тимот за реферми на претседателот на Сојузен Извршен Совет на СФРЈ која веќе била во длабока криза,  Анте Марковиќ.

Во февруари 1990 година се вклучи во Македонскиот форум за подготовка на македонска национална програма. По изгласувањето на Декларацијата за сувереност на државата, на 25 јануари 1991 година, Глигоров беше избран за прв Претседател на самостојна и суверена Република Македонија од страна на Собранието на Република Македонија на 27 јануари 1991 година. На 7 март тој му го довери мандатот на Никола Кљусев за формирање на Првата Македонска Влада. Глигоров по одржувањето на референдумот за осамостојување на Македонија на 8 септември 1991 година, на плоштадот „Македонија“ на сите  граѓани и граѓанки на Македонија им ја честиташе  слободна, суверена и самостојна Македонија.

При приемот на Република Македонија во членство во Обединетите Нации, под референцата Поранешна Југословенска Република Македонија, го одржа првиот говор пред Генералното собрание на Обединетите Нации на 7 април 1993 година. На општите претседателски избори со мнозинство гласови повторно беше избран за Претседател на Републиката, на 16 октомври 1994 година.

На 13 септември 1995 година во седиштето на Обединетите Нации била потпишана Привремената спогодба за нормализација на односите со Грција. На 2 октомври, во Белград го потпишал договоор за признавање со Сојузна Република Југославија, а следниот ден, на 3 октомври 1995 година, врз Глигоров беше извршен атентат во Скопје. По неколкумесечното лекување, на 10 јануари 1996 година Глигоров се врати на својата претседателска должност.

Својот втор претседателски мандат го заврши на  82 години.

Киро Глигоров почина на  94 години, на 1 јануари 2012 година во својот дом во Скопје.

АКО.мк актуелно – објективно