Сообраќајот на автопатот Скопје -Велес во прекин во двата правци

Снегот што врне во сите краишта на државата, предизвика бројни проблеми во сообраќајот. Заради излизгани и попречени возила во двете насоки на автопатот Велес-Скопје, сообраќајот е целосно во прекин.

Еве го последниот билтен на АМСМ:

ПРЕКИНИ НА СООБРАЌАЈ: Сообраќајот на патните правци Скопје – Велес и Велес – Скопје е во прекин за сите видови на возила, поради излизгани и попречени возила.

ЗАБРАНИ ЗА СООБРАЌАЈ: Поради врнежи од снег, забрани за движење на тешки товарни возила има на патните правци: крак Маврово – Дебар, Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, Кичево – Охрид преку планинскиот премин Пресека , на патниот правец Крива Паланка – г. п. Деве Баир, на патните правци Битола – Ресен преку планинскиот премин Ѓавато и на Ресен – Охрид преку планинскиот премин Буково

НАИЗМЕНИЧЕН СООБРАЌАЈ: На патниот правец Струмица – Валандово поради излизгано тешко моторно возило, сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента. Според информација од ДЦС МВР, од 20:50 часот на патниот правец Кавадарци-Неготино оспособен е сообраќајот за движење по една коловозна лента.

ИНФОРМАЦИЈА Според информација до ДЦС МВР, од 20:25 часот на патниот правец Охрид-Ресен кај превој „Буково“, превртеното ТМВ е отстрането од коловозот, по што сообраќајот за ПМВ е нормализиран, додека забраната за ТМВ сеуште трае.

СОСТОЈБА: Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, а во западниот и северниот дел од државата, наместа со остатоци од снег по интервенција на екипите на Македонијапат.

Во клисурите и засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – М.Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово-Дебар-Струга, Д.Капија – Удово, Катланово-Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен-Буково.