Соопштението на ВМРО ДПМНЕ како патоказ за Ѓорге Иванов

ВМРО ДПМНЕ одговори со соопштение на прес конференцијата на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој го побара мандатот за составување нова Влада од претседателот Ѓорге Иванов откако ВМРО ДПМНЕ не успеа да обезбеди мнозинство во Парламентот. Во соопштението тие како да ги навестуваат следните чекори на Иванов, во чии раце е пак мандатот , откако собранието го извести дека не е формирана Влада во уставниот рок од 20 дена.

,,Република Македонија нема да биде водена од аболициран криминалец, ниту ќе добие просоросова Влада.

Граѓаните на 11-ти декември ја дадоа својата поддршка за излез од кризата и гласаа за проекти, реформи и развој. Граѓаните на 11-ти декември ставија крај на деструкцијата и велепредавствата кои ги промовираше СДСМ како нивна политика.

Зоран Заев ќе остане запаметен во историјата како политичар кој ги газел и игнорирал Уставот и законите на Република Македонија. Единствено што знае еден аболициран криминалец е да лаже и манипулира, а не да ги толкува Уставот и законите.

Политичката кариера на аболицираниот Зоран Заев заврши на 11-ти декември. Најгласната порака што ја испратија граѓаните е дека тој мора да одговара и за барањето поткуп, и за велепредавство и за сите криминални тендери за кои се врзува неговото име,,- се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

Покрај ова, медиумите блиски до оваа партија , попладнето интензивно работат на тезата дека мандатот според Устав, мора да остане во рацете на ВМРО ДПМНЕ, како партија која освоила најмногу пратенички места. Нивната теза ја поткрепуваат со тезите на вообичаените аналитичари кои ги бранат политиките на оваа партија.

ако.мк