Соопштенијата на ВМРО ДПМНЕ по средбите со амбасадорите во стилот ,,ти кажувам ќерко, сети се снао“

Соопштенијат што ги издава ВМРО ДПМНЕ по средбите на амбасадорите со Никола Груевски во седиштето на партијата, од ден во ден добиваат на интензитет и во должина. По денешната средба со францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, ВМРО ДПМНЕ излегува од вообичаената дипломатска и политичка практика во вакви ситуации изнесувајќи што рекле амбасадорите, но и го користи моментот да ги упати своите пораки до ДУИ и до СДСМ. Партијата на Никола Груевски денеска го потсетуваат лидерот на ДУИ што ВМРО ДПМНЕ направила за нив на минатите локални избори па велат:

,,На состанокот меѓу останатото од ВМРО-ДПМНЕ беше посочено дека ДУИ во разговорите за коалицирање се води и од анализите за наредните локални избори. На минатите локални избори беше сериозен предизвик ДУИ да победи во одредени за нив стратешки општини и добро се сеќаваме на улогата на ВМРО-ДПМНЕ на тие избори во одредени општини во поглед на дадената поддршка, но тоа сепак е работа на ДУИ. Ќе дојдат локалните избори и ќе се види дали им била добра проценката“.

ВМРО ДПМНЕ го ,,кодоши“ францускиот амбасадор и изнесува детаљ од разговорот, кој нималку не е пријатен за него. Францускиот амбасадор наводно прашал:

,,Францускиот амбасадор запраша дали во ВМРО-ДПМНЕ се смета дека Ахмети е искрен во тоа што го кажува во политиката, на што беше одговорено дека неговата искреност и мудрост сега се на многу сериозен тест.“

Еве што друго пишува во соопштението од средбата на Груевски со францускиот амбасадор Кристијан Тимоние:

,,Од ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато дека партијата имаше обид во рок од 20 дена да формира Влада, иако од самиот почеток ни беше јасно дека со така тесното мнозинство формирањето на Влада во Македонија ќе биде сериозен предизвик, сепак и покрај се влеговме со добра волја и оптимизам. Но, за жал кај ДУИ се појавија некои прашања кои ги одвратија да прават коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а од разговорите со нив, а и од информациите кои ги добивме, доминираат најмалку две покрупни прашања.

Првото е поврзано со корпусот на национални прашања, каде што влегува новата платформа која ја предложија и бараните измени на законот за употреба на јазиците.

Второто е поврзано со нивните предизвици поврзани со наредните локални избори.

Покрај ова, од ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато дека во нашата држава има повеќе партии кои имаат специфика прилично несвојствена за други држави во светот, а тоа е да бараат и да чекаат мислење од некој надворешен фактор за работи за кои вообичаено во земјите насекаде во светот не се очекува мислење за такви работи од надворешни фактори, или дури и не може да се замисли некој друг да се вмешува во носењето на одредени одлуки на партиите. ВМРО-ДПМНЕ многу ја почитува меѓународната заедница, секогаш со полна сериозност приоѓа кон анализа на ставовите и пораките што се испраќаат од нејзе, и ги земаме  предвид при носењето на одлуките, но и разграничуваме каде треба да се даде поголем тежински фактор на тие мислења, а каде и во кои случаи треба да се даде помал тежински фактор при носењето на одлуката. Тоа го правиме во склад со праксата која ја имаат и другите политички партии во Европа и низ демократскиот свет, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ, при што беше истакнато дека сепак секој си одлучува за својот начин за работење и секој сам има право да одлучи како ќе носи одлуки и како ќе одлучува во иднина.

Францускиот амбасадор подвлече дека тоа не е нешто што не е познато на Балканот. Во француската традиција е да се почитува независноста на државите и затоа ние се обидуваме колку што е можно помалку да се мешаме во внатрешните работи, изјави амбасадорот.

Што се однесува до законот за употреба на јазиците од ВМРО-ДПМНЕ беше посочено дека Македонија е една неколкуте земји кои подобро стојат во Европа во правец на давање на слободи, можности и права на помалите заедници да ги користат своите јазици што се овозможи и пред и по склучувањето на рамковниот договор во Охрид во 2001-та. Во разговорите со ДУИ се согласивме да разговараме за евентуални унапредувања поврзани со општините каде што над 20 проценти се од некоја различна етничка заедница од мнозинската, при што се развија идеи кои ќе беа од корист и за албанската и за останатите етнички заедници во општините каде се 20 осто.

За ВМРО-ДПМНЕ се многу значајни Албанците во Македонија, но исто така се многу значајни и Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите и останатите, и наша обврска е да се грижиме за сите.

Инсистирањето на ДУИ беше за двојазичност на цела територија што цениме дека не е согласно уставот ниту има логика која е во склад со реалноста на терен. Тие се преставници на заедница која е значителен процент, 25 осто, но сепак мнозинската заедница е 65-66 осто Македонци и со сета почит кон албанската заедница и граѓани, сепак  преголема е разликата за целосно да се изедначи користењето на јазикот. Втор значаен момент е што Албанците во Македонија се главно коцнетрирани во северозападниот дел на Македонија, а двојазичноста на целата територија освен политички ќе создаде и економски проблеми, но и потенцијал за проблеми на многу граѓани во секојдневниот живот. За многу други работи што се поврзани со човекови права најдовме одредени добри идеи кои што значително ќе помогнеа и кај Албанците и кај останатите заедници кои живеат во Македонија. Ние од наша страна тргнавме со максимално добра волја“ се вели меѓу другото во соопштението на  ВМРО-ДПМНЕ.