Состојбата со Ковид 19 во Ресен е загрижувачка

Последното деноноќие во Ресен беа регистрирани нови 12 случаи на Ковид 19.

Според Институтот за јавно здравје, во оваа општина има 85 активни случаи.

Градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, вчера објави дека повеќе фирми во општината имаат заразени работници, а општинскиот кризен штаб издаде препорака за мирување на работниот процес во неколку од нив.

,,Денес на работниот состанок на Штабот за заштита и спасување на Општина Ресен, информирав дека според извештајот на Центар за јавно здравје Битола, во Ресен вкупниот број на лица заболени од Коронавирусот Covid 19, изнесува 75 лица. Кај 74 лица болеста е сѐ уште во тек, а од нив 59 лица се на домашно лекување, 15 лица се хоспитализирани додека 1 почина.

Исто така информирав дека во овој момент повеќе од 300 лица се ставени под здравствен надзор, бидејќи имале директен контакт со лица кои се со позитивен наод на тестирање, а кои имаат место на живеење во Ресен.

Од менаџерскиот тим на Леарница за алуминиум и цинк во Ресен (поранешна„Алгрета“) нѐ информираа дека по појавата на лица позитивни Корона вирус Covid 19, ќе се направи комплетен скрининг на сите вработени во фирмата.

Со цел заштита и спречување на понатамошно ширење на вирусот Штабот за заштита и спасување на Општина Ресен, даваме ПРЕПОРАКА , работните погони на Свисслион од Ресен, и двете текстилни фабрики кои досега беа ставени во мирување, заради заштита на вработените и сите граѓани на Општина Ресен, да останат во мирување и во наредните седум дена односно заклучно со 03.07.2020 година“-објави Гошаревски.

Ресенската јавност се простува со спортскиот работник Илче Котевски, кој по повеќедневно лекување ја загуби битката со оваа болест.

Ресен беше единствениот град во Македонија кој даваше отпор на Ковид 19 и немаше ниту еден заболен до пред две-три недели.

Сѐ почна со домашна слава кога беа заразени повеќе од гостите, а потоа вирусот се рашири низ целиот град.

ако.мк