СОУЧЕСНИЦИ

 

Медиумите се најголемите соучесници на ВМРО ДПМНЕ во спроведување на нивните политики.Токму тие се најважните поддржувачи на политичката елита на оваа партија, која неприкосновено владее со поголемиот број медиуми во Македонија. Тие создадоа нераскинлива врска со сопствениците на медиумите, кои секако профитираат енормно заради тоа, земајќи ги како награда сите бизниси кои се во нивен интерес, а за возврат ги испорачуваат услугите на новинарите вработени кај нив, кои во тој синџир, се најистурените играчи. Но, слободно може да се рече и најогнените бранители на интересите на седуммината ,,величествени”, кои подоцна станаа осомничени , обвинети и аболицирани. Но, дури ни тогаш не се намали медиумската поткрепа од десетината портали, неколкуте приватни телевизии и за жал дури и Јавниот сервис Македонска радио-телевизија, која и по закон и по начинот на кој е финансирана од буџетот и од претплата, треба да биде информативен, независен и професионален медиум. Но, секако не смее да замижува пред злоупотребите на политичките елити на власт, токму заради тоа што е финансирана од граѓаните. МТВ е спротивното  од сето ова. И токму заради тоа, актуелното  раководството на оваа тв куќа треба да сноси целосна одговорност за злоупотребата на Јавниот сервис во интерес само на една партија и на нејзината раководна гарнитура.

Атмосферата што ја произведоа изминатите години овие медиуми е  неподнослива и хистерична, се граничи со состојба на линч, дискредитација врз лична и професионална основа, полова, родова и сексуална дискриминација, потоа  извртување и измислување на факти, произведување на омраза кон секој што не мисли како нив,  наспроти глорификација на сите потези на владејачката ВМРО ДПМНЕ и нејзините челни луѓе. Дури и кога станува збор за очигледни промашувања и лоши потези, а последните две години сомнежи за тежок криминал и злоупотреба на службената положба по сите основи и нивоа, тие се безмилосни. Како луди кучиња. Хиени.

Матрицата е јасна, за се што постои сомнеж или доказ за криминал кај раководството или функционерите на ВМРО ДПМНЕ,  па дури и најобична критика за загадениот воздух што и тие го дишат, се префрла на контото на опозицијата или по најново Сорос, но и поединци, новинари, професори, разни критичари и се пука со тешка артилерија. Па така, за пропагандните медиуми тротоарите се замрзнати и воздухот е загаден во Куманово или Струмица, но не и во другите градови каде градоначалниците се од ВМРО ДПМНЕ. Ако некој скрши рака на мразот во Куманово, цел ден ќе бамборат за тоа, но не и за стотиците искршени граѓани во Скопје или Битола. Ете дотаму е дојдена работата.

Фабриката за вести по житието на Мартин, Илија и сега Иво(е тоа е фабрика, а не онаа во која подработуваше кога беше новинар) е македонскиот концентрационен логор за вистината. За секој што ќе ја загрози нивната вистина и позиција е подготвен пропаганден шинел под кој ви го мелат животот, работата, семејството, достоинството и на крај душата, ќе ја изгазат, исплукаат, избербатат, ќе ви се настрват, па ќе ви ги пуштат медиумските кучиња и експертутките. Оваа пропагандна машинерија десет години е бодликавата жица и гасната комора кои ги бранат првенците на ВМРО ДПМНЕ, всушност вистинските нивни работодавачи, од критичката и мислечка јавност.

Незаборавното новинарско перо Александар Тијаниќ велеше-,,кажи во кој весник го пишува тоа, па ќе ти кажам кој го нарачал текстот”. Кај нас и ова не важи, го пишува во сите весници, го има на сите нивни  портали и телевизии. Тие не се кријат, сакаат да се знае, да им се плашат, да покажат дека се е во нивни раце. Без око да им трепне, не се трудат да ги сокријат трагите, па истиот текст од А до Ш, со истиот наслов, оди првин во сите курирски портали, а потоа телевизиите, па дури и МТВ, се повикуваат на порталот како извор на информацијата. И така и волкот сит и овците на број. Порталите не подлежат на мониторинг и закон, а телевизиите преземајќи ја информацијата, која бездруго е напишана во седиштето на ВМРО ДПМНЕ, како пренесувачи на вест, немаат никаква одговорност. Речиси, па совршено.

Пропагандното зло што го востоличи Никола Груевски со своите најблиски соработници, го прифатија и тоа свесно, и две-три телевизии кои не се директно под капата на Capo di tutti capi, но си имаат некои свои математики. Ја факторизираа пропагандата. И тоа на голема врата. Еден таков, еден таков. Па дури и со невозможни комбинации. Ако поканат соговорник политичар, универзитетски професор, новинар, што и да е, отспротива мора да седат како репетирана пушка експертите за се. Па дури и за снегот во времето на Бранко Црвенковски. Не смее да излезе нешто во етер, ако не биде поклопено со ,,стручната експертиза” на Никовски, Костов, Каракамишева, Пандов, Даштевски, ….а по ново и некој си Србов. Тие мислат дека на тој начiн прават балансирано новинарство. Ѓаволи! Точно знаат што прават. Само го одработуваат ѓаволскиот дел од целата стратегија да се ублажат злосторствата на челниците на ВМРО ДПМНЕ за кои сите слушнавме од прислушуваните разговори. Тие ја прифатија таа улога. Да ни кажат дека тоа и не е толку страшно, затоа што и другите така правеле.

Затоа, тие исто така се соучесници во ширење на пропагандниот опиум за широките народни маси, па дури придонесуваат за негово негување и поттикнување. Тие ги хранат популизмот и пропагандата , давајќи му  рамноправен третман во хибридните дебатни емисии, кои како сурогат за вистинските дебати меѓу политичар и политичар, му најдоа совршена замена на плашливецот Никола Груевски. Експерт што го напаѓа и експерт што го брани. Се експерт до експерт. И тоа така оди со години, како некоја расипана временска машина, додека заморената и веќе бескрвна јавност, се тркала во пропагандното перпетум мобиле, како хрчак во вртелешка.

Не знам дали опозицијата се уште мисли дека ад-хок решенијата со МТВ и телото за набљудување на известувањето за време на кампањата беа добри и дали дадоа некакви резултати.

Но, оваа земја нема да има напредок со делумни и млаки решенија. Медумската сфера бара тресење и реформи од корен. И тоа во моментот речиси без исклучок. Новинарството мора да се ослободи. Да дише. Да живее, ако не повеќе, тогаш барем за почеток како пред Груевски.

Мора да се вратат чистокрвните професионалци кои сега се исфрлени од играта, на маргините. Да им се даде шанса на нови, но не вкалупени кадри во партиски униформи.

Новинарството и медиумите мора да се натпреваруваат во своите редови да ги имаат најдобрите, а не најпослушните.

За да се случи тоа, медиумската сфера мора да почива на закони кои ќе и го гарантираат сето ова и ќе ја заштити од влијанието на политичарите и сопствениците. Сопствениците својот интерес и профит да го остваруваат преку квалитетна забавна, едукативна, рекреативна, културна и филмска програма, а не преку вестите и политичките содржини.

Доколку сето ова не го постигнеме, ние уште долго време ќе останеме  темен вилает, киднапирана територија од поедини организирани криминогени структури,  преоблечени во политичари, кои ја исцицаа и исплукаа низ светот квалитетната есенција од народот.

Секако, и неговите пари.

 

ЕМИЛИЈА ЛАЗАРЕВСКА