,,Сојуз за живот“ и Брегалничка епархија организираат поворка ,,Сведоштво за семејството“ во исто време кога се одржува ,,Парадата на гордоста“

Со ,,АПЕЛ ОД ЛЕСНОВСКОТО БРАТСТВО“ и фотографија на Богородица која во раце го држи Исус, од Брегалничка епархија ги повикаа христијанските верници на ,,ПОВОРКАТА ПОСВЕТЕНА НА СВЕДОЧЕЊЕТО НА ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ СЕМЕЈНИ ВРЕДНОСТИ“ односно мирен протест на кој ќе се покажат ,,вистинските вредности на семејството“.

Поворката е закажана за истиот ден кога треба да се одржи Парадата на гордоста , на 29 јуни во Скопје, а на иницијатива на голем број граѓани и припадници на верските заедници во земјата, како што известуваат од т.н. ,,Сојуз за живот“.

Настанот ќе се одржи под мотото го организираме настанот „СВЕДОШТВО ЗА СЕМЕЈСТВОТО“ .

Во прогласот на организаторот се вели дека целта на настанот е заеднички да се осведочат семејните и традиционалните вредности и модели на живеење, поточно, оние вредности и модели кои се ,,ЕДИНСТВЕН ВИСТИНСКИ ИЗВОР, РАДОСТ и СМИСЛА на ЖИВОТОТ“.

,,Настанот „СВЕДОШТВО ЗА СЕМЕЈСТВОТО“ не е насочен против никого. Истиот единствено има за цел да засведочи што навистина се подразбира под БРАК, СЕМЕЈСТВО и ЉУБОВ, но и да алармира дека граѓаните, а особено припадниците на верските заедници СЕ ПРОТИВ редефинирање на институцијата брак и семејство и наметнување на каква било идеологија која е спротивна на вековните семејни, морални и духовни вредности“- се вели во соопштението.

Тие додаваат дека не смеат да дозволат да пресуши единствениот вистински извор на животот, а тоа е традиционалното семејство, како основна клетка на општествениот поредок од која императивно зависи иднината на човештвото.

Организатори на настаност се организации, движења, неформални групи и поединци кои,, се залагаат за зачувување и афирмирање на вистинските семејни и традиционални вредности и модели на живеење“. Сите тие, како што известуваат, го формирале така наречениот ,,Сојуз за живот“.

Повикуваат на 29 јуни 2019 година, преку заедничка прошетка, ,,како граѓани и како верници да засведочат во земјата и во светот што за нас е вистинско и прифатливо, а што е неприфатливо“.

Собирно место за сите учесници на настанот „СВЕДОШТВО ЗА СЕМЕЈСТВОТО“ е просторот пред црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ (спроти Министерството за надворешни работи) од 11:00 часот. Поворката својата прошетка за сведочење ќе ја започне околу 12:00 часот. Поворката ќе се движи од црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ до црквата „Свети Климент Охридски“ каде ќе се прочита заедничката дакларација на СОЈУЗОТ ЗА ЖИВОТ.



Во повикот пак на Брегалничка епархија, меѓу другото , се вели:

,,Мора сите да се освестиме и да бидеме будни, бидејќи се одвива страшна духовна војна против Православието и православниот дух, особено во православните земји. Се промовираат вредности и норми, кои и ги повредуваат нашите христијански чувства, бескрупулозно се хули на Бога, се ругаат и исмеваат христијанските светињи, се унижуваат вековните морални и семејни начала на нашиот благочестив христијански народ, и сето тоа ние треба мирно да го примиме во името на некакви човекови права и слободи или во името на некаква современа модерна уметност“ и прашуваат ,,Па каде се тука нашите христијански права?“

,,Не треба да се плашиме од тоа што ќе кажат ближните, што ќе каже светот, оти сета оваа џендер (родова) идеологија е дело на сатаната, сето ова е дело на страшен психолошки, морален и медиумски притисок, бидејќи колку повеќе нѐ клукаат по главата дека сето тоа е нормално, природно и од Бога дадено со самото раѓање, толку повеќе и умовите и срцата и душите на нашите најмлади, на нашите деца се изопачуваат, се менуваат и тие тоа го прифаќаат, веруваат во тоа и на крај ќе се соочиме со ситуацијата нашите деца или да застранат од верата или да застранат со некаков крајно изопачен морал“- се вели во повикот на Брегалничка епархија до христијанските верници да се придружат на поворката за семејни вредности закажана за 29 јуни 2019 во Скопје.


,,Како православни христијани, не смееме да спиеме и не смееме мирно да го допуштиме злото да се шири и меѓу нашиот народ“- се додава во посланието ан Брегалничка епархија.

Организирањето на овој настан следува откако невладини организации и ЛГБТ заедницата ја закажаа првата Парада на гордоста во Скопје за истиот ден , 29 јуни.