Македонското државно знаме денеска попладне е подигнато пред седиштето на НАТО во Брисел, на невообичаена и церемонија без преседан.

На церемонијата лично присуствуваа само генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и македонскиот претставник во НАТО, Зоран Тодоров.

Членовите на македонската Влада ја следеа церемонијата преку линк од владината зграда во Скопје.

На свечената церемонија во седиштето на НАТО во Брисел, во 15:00 часот по средноевропско време, присуствуваа генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претседавачот на Воениот комитет на Алијансата маршал Стјуарт Пич, и в.д. шефот на Постојаната мисија на Република Северна Македонија при НАТО, Зоран Тодоров.

Македонското знаме истовремено беше подигнато и пред Сојузничката команда за операции во Монс, Белгија и во Сојузничката команда во Норфолк, Вирџинија.

Свечената церемонија на подигнувањето на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, преку видео врска во Скопје ја следеа претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, по што тој имаше свое кусо обраќање.

Инаку, формалната постапка за членството во НАТО официјално се затвори на 27 март по депонирањето на инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави во Вашингтон, откако претходно сојузниците во НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување во Северна Македонија во февруари 2019 година, по што сите 29 национални парламенти гласаа за ратификување на членството на нашата земја во алијансата.