Со надгласување во Совет на Агенција за медиуми сите национални тв се прогласија за политички пристрасни

Стручната служба на Агенцијата за медиуми направи објективен и прецизен извештај за тоа кои национални телевизии известувале професионално, а кои пристрасно  и тенденциозно. Во извештајот за минатата година се констатира дека во неколку наврати на ТВ Сител и во емисијата на Миленко Неделковски која се прикажуваше на ТВ Канал 5 се користел говор на омраза. Исто така, во извештајот се нотира дека има континуирано прекршување на професионалните стандарди од страна на ТВ Алфа и на ТВ Нова.

Но, наместо Советот  да го одобри извештајот, по лично убедување на четворица членови и тоа: Лазо Петрушевски, Селвер Ајдини, Миљаим Фетаи и Алма Машовиќ усвоен е дополнителен заклучок според кој сите национални телевизии- ТВ Сител, ТВ Нова, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, Телма, 24 Вести и ТВ Шења, во своето известување биле политички пристрасни. На овој начин овие членови на Совет на Агенција за аудио и аудио-визуелни услуги со надгласување ги ставиле сите тв во ист кош, само да го избалансираат и оправдаат непрофесионалното, тенденциоазно и полно со омраза известување на телевизиите Сител,  К5, Алфа и ТВ Нова.

На ваквите паушални оценки на претседателот на Советот на Агенцијата за медиуми Лазо Петрушевски се спротивставил Зоран Фиданоски, член на Советот делегиран од ЗНМ, и побарал да се одбие ваков заклучок.

„Овој став е политички мотивиран и со него се сака да се стави знак на еднаквост меѓу медиуми за кои во мониторингот не биле констатирани прекршувања на професионалните новинарски стандарди, со оние за кои има десетици пријави за прекршување на стандардите и констатиран говор на омраза“, изјави Зоран Фиданоски, на денешната прес конференција организирана од ЗНМ.

Фиданоски оцени дека Советот со ваквиот заклучок ја девалвира работата на стручната служба на Агенцијата и необјективно ја преставува работата на националните телевизии.

Тој се сомнева дека ваквиот заклучок на Советот е донесен по нечиј политички диктат и е целосно спротивен на задачата за која е формирана Агенцијата.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани ваквиот заклучок на Советот на АВМУ го оцени како непримерен и непрофесионален, со што се потврдуваат ставовите на Здружението дека медиумскиот регулатор е политизиран и партизиран.

„Ова е уште еден аргумент зошто треба да се изберат нови членови на Советот на Агенцијата за медиуми. Во Советот треба да членуваат независни, стручни и компетентни личности, кои вистински ќе се грижат за создавање на слободни и професионални медиуми, а не да работат на спасување на образот на непрофесионалните медиуми“, рече Селмани.

Тој побара од Собранието на Македонија да не го усвои Извештајот за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во 2016 година и да го врати на доработка, за да се избрише вештачки вградена квалификација дека сите национални телевизии биле политички пристрасни.