Со цвет и збор против репресијата врз новинарите

Новинарот Томислав Кежаровски во знак на благодарност до неговите колеги и сите што го поддржаа и искажаа својот револт пред три години на протестот пред Музејот на ВМРО, денеска со цвет во раката што го спушти на влезот од музејот, се потсети на моментите на апсење, деновите поминати во притвор и притисоците што ги трпел.

Вели, неговата борба за слобода на новинарството никогаш нема да престане.

Пред три години новинарските организации организираа протест пред МУзејот на македонска државност во знак на револт заради 4 и пол годишната казна затвор за објавен новинарски текст. Новинарите што сакаа мирно да го изразат незадоволството, беа спречени да дојдат до музејот, каде што требаше да се одржи протестот.

Кордон полицајци ги спречија да пристапат на закажаното место. Присутните се обидоа да го пробијат кордонот, по што беа повикани специјални полициски сили.

Протестот беше поддржан од Здружението на новинарите и од Самостојниот синдикат на новинарите.

– Овде денеска, на 23 Октомври, Денот на револуционерната борба, сакавме да изразиме револт токму пред Музејот на револуционерната борба затоа што сметаме дека борбата на нашите револуционери за слобода, за која денеска зборуваме дека не била залудна, да потсетиме дека продолжува од аспект на тоа дека има новинари во затвор. Некои новинари поради слободата на говорот и на изразувањето се замолчени, како што е новинарот Кежаровски – изјави тогаш Зоран Димитровски, поранешен уредник на весникот „Нова Македонија“ и дел од Иницијативниот одбор.

.

– За жал, полицијата не ни дозволи да се приближиме до Музејот каде што има некои манифестации. Дојде до мало кошкање. Не знам зошто се потребни толку специјалци на новинари кои ниту се вооружени, ниту имаат камења во рацете, ниту имаат намера да кршат нешто… Нашата цел ја постигнавме со тоа што покажавме дека не се согласуваме со таков начин на судење на нашите колеги – изјави Димитровски.

Кежаровски беше осуден во монтиран процес без елементарни докази за неговата вина, само за напишан текст во кој ги откри матните игри на полициски структури со божемниот заштитен сведок во случајот ,,Ореше” . Многубројни меѓународни новинарски асоции реагираа дека апсењето и пресудата се во насока на замолчување на новинарите.

Томислав Кежаровски беше уапсен со образложение дека го открил идентитетот на заштитен сведок во случај на нарачано убиство. Беше осуден на 4 и пол години затвор за текст објавен во 2008 година во списанието „Репортер 92“.

По неколку месеци откако беше уапсен и притворен на 21 октомври 2013 беше осуден на четири и пол години затвор.

Во однос на откривањето на идентитетот на заштитениот сведок, Кежаровски неколку пати изјави дека тој е жртва и колатерална штета за да се сокрие лажното сведочење од подметнат сведок од полициски структури.

Беше дел од судскиот процес „Ликвидација“, во кој имаше обвинети судии, адвокати и обвинители со разни обвиненија и осудителни пресуди.