Со 67 потписи Заев утре ќе го побара мандатот од Иванов

СДСМ обезбеди 67 потписи со кои треба да добие мандат за состав на Влада. Своите пратенички потписи до СДСМ ги доставија и Беса и Алијанса на Албанците, кои на парламентарните избори освоија 5, односно 3 пратеници. Како што е познато вчера ДУИ ги депонираше своиет десет потписи и ги стави на располагање на Заев, кој утре со вкупно 67 потписи ќе го побара мандатот од Претседателот Ѓорѓе Иванов.

-Нашето учество во владата е условено со нашата заедничка политичка платформа. Реално, каква смисла би имале изборите и владата ако ние станеме дел од една влада каде ќе се спроведуваат платформи и програми на други партии. Еден од главните услови е законот за албанскиот јазик, расветлување на монтираните политички случаи, декриминализација на институциите и општеството и се разбира, економскиот развој, за да се спречи големото иселување на населението од Македонија. Значи, ние нема да влеземе во влада за да бидеме само како кукли, туку ќе влеземе тогаш кога ќе се исполнат поставените услови-изјавил за АлсатМ Зијадин Села во име на Алијанса на Албанците.

ДПА засега не се огласи дека ќе партиципира со своите два потписа во идната , најверојатно нова владина коалиција предводена од СДСМ.