Со 81 глас ЗА донесени се измените на Уставот со кои РМ се преименува во Република Северна Македонија

Со двотретинско мнозинство, пратениците ги донесоа измените на Уставот на Република Македонија, со кои се вградуваат новите амандмани согласно Договорот од Преспа постигнат за името со Грција.

Пратениците гласаа за договор кој овозможува меѓународно интегрирање и признавање на нашата земја како суверена држава, со целосно потврдување на идентитетските посебности на Македонците и на сите граѓани на земјата.

Остварувањето на овие придобивки дојде преку прецизирање на името на нашата држава со географската одредница – Република Северна Македонија.

При тоа, македонскиот јазик ќе биде меѓународно признат во сите сојузи. Нашата химна, нашето знаме – остануваат исти и заштитени. Нашето државјанство ќе биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија.

Уставните измени беа поддржани од владејачкото мнозинство предводено од СДСМ и ДУИ, како и и од независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ составена од 8 пратеници, како и од пратениците на БЕСА и Алијанса на Албанци.