Спасовски: Градежна офанзива во Крива Паланка, се реконструираат градскиот плоштад и паркот

Владината делегација, на чело со техничкиот премиер, Оливер Спасовски, заедно со домаќините во Крива Паланка, градоначалникот Борјнчо Мицевски, извршија увид во отпочнувањето на реконструкцијата на градскиот плоштад и парк, и извршија обиколка на една од градинките во центарот на градот, која во наредниот период ќе се надградува со уште еден кат со што ќе се прошири постоечкиот капацитет за уште најмалку 100 деца.

Истакнувајќи дека градежната офанзива не престанува и во корона-кризата, премиерот Спасовски во изјавата за медиумите истакна:

„Градиме инфраструктура за сите, во вонредни околности со проекти од значење на локално, регионално и национално ниво. Во оваа нова реалност, на тој начин ја помагаме економијата во многу важен период“.

Подвлекувајќи дека денеска се означува почетокот на капиталниот проект „Реконструкција на Градскиот Плоштад и Градскиот Парк“, како дел од поголемиот проект „Крива Паланка – Источна порта на Европа (Фестивалска туристичка атракција)“, Спасовски нагласи дека се работи за грант од Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија ИПА 2 и кофинансирање од страна на Владата на Република Северна Македонија, администриран од страна на Светската Банка преку доверителски фонд, и со учество на Општината.

Премиерот подвлече дека вкупната вредност на проектот изнесува 662.000 евра, а крајниот рок за реализација на проектот е 20ти ноември оваа година, кога граѓаните на Крива Паланка ќе добијат градски плоштад и градски парк каков што му доликува на еден европски град кој го носи атрибутот „Источна порта на Европа“.

„На местото на хаосот, и на непланските и лошо изработени проекти, кои не можеа да се реализираат, ние имаме спротивен пристап. Европски пристап“, додаде премиерот Спасовски.

Градоначалникот Мицевски во изјавата за медиумите подвлече дека секој градски плоштад е срцето на градот и токму затоа општината се посвети заедно со паркот да направи пристојна, европска градска инфраструктура во која граѓаните на Крива Паланка ќе се релаксираат и ќе го минуваат слободното време. Тој најави повеќе проекти, кои ќе бидат започнати наредниот период и подвлече дека локалната самоуправа и во иднина ќе работи конзистентно и ќе продолжи да ја модернизира Општината, која до пред неколку десетици години беше една од најнеразвиените во регионот.

Премиерот Спасовски, заедно со претставниците на Министерството за труд и социјална политика Шкријељ и Бајрактар, придружувани од градоначалникот Мицевски, извршија обиколка и на градинката „Детелинка“-клон 2, каде ќе започнат градежни активности за проширување и доградба на уште еден спрат.

Во разговорите со раководството на градинката и претставниците на локалната самоуправа, членовите на Владата изразија задоволство од исполнувањето на зацртаните планови на актуелната Влада за градење инфраструктура и објекти за ран детски развој најавувајќи дека обезбедувањето на средства за капитални проекти ќе продолжи и во иднина, бидејќи тоа не е инвестиција само во објекти, туку и вложување во децата, кои се иднина на оваа земја.

„Оваа Влада плански гради инфраструктура за детска заштита и воспитување. Во изминатиот период инвестиравме во 44 градинки и објекти за ран детски развој и создадовме услови за квалитетно сместување на 3.000 предучилишни деца. Дополнителни 15 милиони евра се обезбедени за нови инклузивни и енергетски ефикасни градинки кои ќе значат нови 7.500 места за згрижување на деца во градинки“, информираше заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар, и додаде дека продолжува реализацијата на капиталните проекти, затоа што тоа не е само инвестиција во објекти, туку пред се вложување во децата на оваа земја.

Дополнителната заменичка министерка Санела Шкријељ, оцени дека Владата исполнувајќи ја примарната цел, искоренување на детската сиромаштија и обезбедување еднаква шанса за секое дете, се посвети на овозможување на сите деца еднаков пристап до образование уште од раното детство, без оглед дали се од урбани или рурални средини.

„Ова е Влада што навистина инвестира во иднината на оваа земја. Затоа го зголемуваме бројот на предучилишни установи, но истовремено имплементираме и висококвалитетни програми за образование во раното детство. На тој начин кај децата градиме темели на кои успешно ќе ги надоградуваат натамошните знаења и вештини. Квалитетно предучилишно образование подразбира и мотивиран стручен кадар и затоа со реформите направивме историско зголемување на платите на воспитувачките за 27 проценти, или во просек платите им пораснаа за околу 5.800 денари во нето износ“, подвлече Шкријељ, додавајќи дека зголемениот опфат на децата во предучилишните установи истовремено овозможува активација на нивните мајки на пазарот на трудот и со ова се покажува дека Владата се грижи за сите подеднакво.