Спасовски: Куманово беше дискриминирано 11 години од ВМРО ДПМНЕ(видео)

,,Куманово беше неправедно дискриминирано во државата во сите изминати 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, градот беше заборавен, избришан од картата на државата. Ние испланиравме проекти кои ќе се реализираа оваа година, кои се исклучително важни“-вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски при денешниот престој во неговиот роден град заедно со премиерот, Зоран Заев.

Тој ги наведе реализираните и идните проекти:

,,Прво, знаете дека веќе се заврши реконструкцијата на патниот правец Старо Нагоричане – Пелинце од 10км, остануваат уште четири километри кои ќе завршат со градба, некаде до крајот на мај, ќе го имаме комплетниот патен правец реконструиран, многу скоро започнува реконструкција на патниот правец Куманово – Свети Николе бидејќи тоа е еден од можеби најлошите патни правци. Наскоро започнува градбата на патниот правец Куманово – Страцин, а веќе се работи на експресниот пат Страцин – Крива Паланка – Деве Баир. Целосна реконструкција на патот Куманово – Никуштак и поправка на регионалниот пат каде најголема полза покрај Куманово ќе имаат и жителите од население места Черкези, Ново Село, Љубодраг, па се до Никуштак, исто така еден патен правец кој што е важен за Куманово.

Наскоро ќе започне и реконструкција на патниот правец Куманово – Опае, а на општината и се доделени 20 милиони денари за инфраструктурно уредување на индустриската зона. Изградена спортска сала во економското училиште со настава на албански јазик, во тек е завршна фаза од спортската сала во село Черкези и веќе се започнати постапки за градба на нова спортска сала во Наце Буѓони“-изјави Спасовски.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев учествуваше и се обрати на 6-тата трибината „Фер општество – шанса за сите“ со граѓаните и со претставници од бизнис секторот, којашто денеска се одржа  во Куманово. 

Посочувајќи го како град на пркосот, премиерот Заев на граѓаните на Куманово и на општината, им честиташе за обезбедениот траен мир, бидејќи како што рече премиерот Заев членството во НАТО значи трајна стабилност. Таа стабилност, како што посочи премиерот Заев веќе е реалност бидејќи 8 од 29 членки на Алијансата го ратификуваа Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.