Спасов му се извини на Српче, Богдановиќ му се извинил на Спасов

Професорот и аналитичар Ѓорѓи Спасов, како и некогашен генерален секретар на СДСМ, јавно му се извини на градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, по критичкиот статус што го објави за него претходниот ден на својот ФБ профил.

Извинување

,,За разлика од многумина кои побрзаа да помислат дека веќе “пукнала тиквата во СДСМ” , градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ ми се јави веднаш по објавувањето на мојот статус во кој го критикувам и ми се извини за настанатото недоразбирање околу закажаната средба со него.

Јас му се извинив исто така за мојата нервозна реакција на Фејсбук.
И заклучивме дека така му личи на СДСМ. На грешките да си укажуваме јавно и да ги поправаме, за СДСМ вистина да покаже дека “не сме исти” со претходната власт и дека ќе има живот за сите во Македонија.“-напиша Сапсов на ФБ.

Вчера, тој објави статус со жестока критика кон Богдановиќ, нарекувајќи го Српче, лут затоа што не го примил и не дошол во договореното време и место.

Еве го тој статус на Спасов:

Власт

,,Од средата до денес барав состанок во траење од 5 минути со градоначалникот на мојата општина Саша Богдановиќ- Српче. Му напишав во порака дека куќниот совет од заградата на ул. Васил Ѓоргов 20 во која има 123 стана од кои 120 гласаат за СДСМ ме овласти од него само да добијам информација за кровот на зградата кој прокиснува а не привилегија и помош. За жал до денес тој нема време. Денес ми рече дека ќе биде достапен по два, два и пол часот. И чекав како мајмун пред затвотената порта на општина Центар, а неговиот телефон беше недостапен.
Браво.
Жал ми што станарите од мојот влез во зградата мислат, а и јас им создадов лажна надеж дека од некои избрани функционери на СДСМ може да добиеме барем точна информација и ништо повеќе.
Следните 4 години ќе треба да се помириме со тоа што сме го избрале на локално ниво.
А од 2007., до денес напишав на илјада страници колумни против режимот на Груевски. Учествував во на 100 тв дебати, во кои ги застапував позициите на СДСМ, и имав чест да бидам дел од тимот што ја пишуваше програмата За живот во Македонија на СДСМ.“-напиша вчера на ФБ, Ѓорѓи Спасов.

Она што остана нејасно во целата оваа преписка е дали Спасов добил информации за покривот на зградата во која што тој живее и уште 123 семејства ,,од кои 120 гласаат за СДСМ“!

АКО.мк