Спомениците повредни од 100.000 Турци!

Енес Ибрахими , пратеник од ТХП (Партија за движење на Турците во Македонија) реагира на дискриминаторскиот однос на актуелната влада кон Турците во Македонија. За ВМРО ДПМНЕ и ДУИ спомениците и Скопје 2014 се повредни од 100.000 Турци, вели тој.

Ибрахими реагира затоа што со предвидениот буџет за 2017 година двете турски општини и средините каде што Турците се мнозинство, се тотално заборавени.

,,Сведоци сме како секој ден преку проектот Скопје 2014 никнуваат нови згради, споменици кои достигнуваат повеќе милионски суми. А од друга страна и покрај дадениот збор, изградбата на Турскиот Театар никако не може да се финализира.

Со предложениот рекорден буџет Владата на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го прикажа своето дискриминаторско лице и повторно ги изигнорира потребите на одредени граѓани на Република Македонија, а меѓу нив повторно се најде и турската етничка заедница”-рече Ибрахими.

,,За 10 години Владата на ВМРО-ДПМНЕ потроши над 25 милијарди евра, меѓутоа не се решија проблемите во местата каде ќивеат турци и не се најде решение за проблемите на турската заедница.

За парите од споменикот Тодор Александров, за кој се потрошени 400.000 евра, во Канатларци, Новак, Градошорци, Висока Маала, Аликоч, Бучим, Прналија, Банско и Количани ќе се изградеа спортски терени.

За Васил Чакаларов за кој се потрошени околу 550.000 евра, сите учебници за основно и средно образование ќе се преведеа и испечатеа на турски јазик.

За споменикот Гемиџии за кој се потрошија околу 1.250.000 евра ќе се решеше проблемот за водоснабдувањето во Количани, Калково, Дедели како и општина Пласница.

Павел Шатев одлеа од буџетот 250.000 евра. Со овие пари можеше да се изгради пат од Почивал до Шашаварлија, а исто така да се доизгради патот од Радање до Оџалија.

Само за зградата ,,Бранко Брашнаров” каде се сместени агенциите за Млади и спорт и аудиовизуелни услуги, оваа Влада потроши над 4.5 милиони евра, а за цели 10 години од нивното владеење за Турците во Македонија не потроши ниту приближно на оваа сума.

Оваа Влада докажа дека зградите и спомениците се поважни од животот на над 100.000 Турци во Македонија.

Турската заедница не го полни буџетот за одредени профитерски групи да се луксузираат на нивните даноци и придонеси.

Ние како политичка партија нема да дозволиме вакво буџетско, расипничко владеење”- изјави пратеникот од Партија за движење на Турците во Македоинија – Енес Ибрахими.