Според Светска банка македонската економија ќе претрпи најмала штета од пандемијата во регионот

,,Република Северна Македонија ќе претрпи најмала штета во регионот, а нашата економија се проценува дека ќе забележи пад од 1,4 до максимум 3,2 процентни поени“- изјави советникот за економски прашања на премиерот, Фатмир Битиќи.

,, Споредено, Црна Гора се очекува да се соочи со економски пад од 5,6 проценти, кој во случај на продолжување на пандемијата до крајот на летото би бил 8,9 проценти. Проценките за Србија се за негативна стапка од 2,5, односно 5,3 проценти. Албанија ја очекува негативна стапка од 5, односно 6,9 проценти, а Косово го очекува пад на БДП од 4,5 проценти, но за нив е можен пад и до 11,3 проценти“, нагласи советникот Битиќи.

Тој истакна дека Владата прави максимални напори со директно вбризгување на ликвидност во економијата,  последиците од оваа здравствено-економска криза да бидат колку што е можно помали.

„Преку владините мерки за финансиска поддршка како што се бескаматните кредити, исплата на плати од 14.500 денари по вработен или субвенциите за придонеси се помагаат најпогодените сектори, при тоа се цели кон одржување на динамиката на економијата и зачувување на секое работно место.

Воедно исплатата на повратот на ДДВ-то дополнително е динамизирана, исплатите на пензиите и другите социјални трансфери се одвиваат веќе и предвремено.

Субвенциите за земјоделците се исплаќаат целосно и навремено, а и сите други буџетски трансфери и плаќања се извршуваат во законски предвидените рокови.

Сето ова е во насока на зголемување на потрошувачката која директно влијае на полнењето на буџетот и растот на БДП“, посочи советникот Битиќи.

Тој посочи дека Владата за целиот овој период од почетокот на пандемијата активно работи и на прибирање средства со кои ќе биде амортизиран ударот врз приходната страна на буџетот.

Советникот на премиерот, Битиќи, упати апел до граѓаните да ги почитуваат препораките со цел да го заштитат своето и здравјето на другите,  а воедно на овој начин да помогнеме во борбата со оваа здравствено-економска криза и намалувањето на последиците од неа.