Спречен шверц на марихуана

 

МВР  реализираше  случај на недозволена трговија со марихуана со потекло од Р.Албанија која преку Република Македонија требало да биде транспортирана до Р.Турција, со што е пресечен меѓународен канал. Запленетата марихуана во вкупна тежина од 108 кг 522 грама доколку пристигнала на нарко пазарот при понатамошна продажба би достигнала цена од околу 1.000.000 евра.

На 8-ми месецов по претходно спроведена истрага од слобода се лишени 4 лица (двајца македонски државјани, еден косовски и еден албански државјанин) против кои е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори’’, а додека пак против првопријавениот и кривична пријава поради постоење основи на сомнение дека сторил и кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Од страна на судија на претходна постапка на сите пријавени одредена им е мерка притвор во траење од 30 дена.

По спроведената истрага постојат сомненија дека првопријавениот 45 годишен македонски државјанин заедно со косовскиот и албанскиот државјанин ја набавиле марихуаната од Р.Албанија и истата преку Косово на почетокот на месецов ја внеле на територија на Р.Македонија, преку зелената граница во околината на Тетово, за потоа дрогата да биде префрлена во Скопје поточно во домот на првопријавениот.

По претходно изготвен план извршени се претреси во неколку патнички моторни возила како и во домот на првопријавениот, при што во едно од возилата пронајдени се 11 патни торби со 210 паковки во кои била наркотичната дрога, а додека пак во домот на првопријавениот пронајдени се рамка со 19 куршуми за автоматска пушка, куршуми за пиштол, црни патни торби исти како и торбите во кои била сместена и марихуаната. Исто така при преглед на возило управувано од првопријавениот пронајдени се 6 телефонски апарати, држачи за СИМ картички, 20 евра како и други предмети.