Средба Заев-Ѓукановиќ: Црна Гора брзо ќе го ратификува Протоколот за прием на Македонија во НАТО

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и членовите на делегацијата што ја сочинуваат заменичка на претседателот во Владата на РСМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи, Никола Димитров и пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија, Џевад Адеми и член на собраниската комисија за одбрана, попладне ги започнаа активностите од учеството на годинашната Минхенска конференција за безбедност.

Покрај учеството на повеќе настани во рамките на конференциската агенда, претседателот на Владата на Република Северна Македонија и членовите на делегацијата ќе остварат повеќе заеднички и одделни билатерални средби.

Како една од бројните билатерални средби, беше денешната средба на премиерот Заев со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.

На средбата двајцата соговорници ја потврдија нагорната линија на развојот на одличните односи меѓу двете земји, со потенцијали за проширување на добрите релации, особено во економските врски.

Претседателот Ѓукановиќ му честиташе на премиерот Заев за статусот на поканета земја-членка на НАТО и соопшти дека црногорското собрание многу брзо ќе го ратификува Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО, по што Република Северна Македонија ќе се стекне со полноправно членство откако протоколот ќе го потпишат сите земји членки на Алијансата.
 
Премиерот Заев на средбата ја изрази својата, и благодарноста на Владата на РСМ и на народот на нашата земја за континуираната поддршка што Република Црна Гора ја пружа на нашата земја и изрази убедување дека взаемната поддршка и соработка и понатаму ќе се зацврстува и шири во интерес на граѓаните на двете земји.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и членовите на делегацијата, вечерва ќе бидат дел од заедничката свечена вечера на која се поканети сите шефови на држави и влади, како и членови на кабинети, што е уште една можност за нови средби и договори за идни иницијативи.