Српските медиуми пишуваат за наводен договор за српски геноцид над Албанците во Македонија

Српските медиуми, а меѓу нив и државната РТС, го пренесуваат пишувањето на про-ВМРО ДПМНЕ порталите и други медиуми, за наводниот договор меѓу Заев и Ахмети да се прифати барањето на одредени кругови кај Албанците дека во минатото во Македонија е направен геноцид врз Албанците, но за тоа да ги обвинат Србите кои тогаш биле власт на овие простори.

РТС ја пренесува Република кој пишува дека лидерот на СДСМ Зоран Заев само да ја зграпчи власта, тајно договорил со Ахмети да ја посочат Србија како виновна за наводниот геноцид над Албанците во периодот меѓу двете светски војни.

Според пишувањето на Република, пренесува РТС, наводно СДСМ се согласиле со тоа бидејќи и така Србија ќе биде виновна за наводниот геноцид.

И други медиуми ги пренесуваат пишувањата на Курир, Република, Нетпрес и други портали, а почнува да се разгорува и полемика на оваа тема и на социјалните мрежи , но и во се повеќе медиуми во Србија.

СДСМ ова го демантираше во соопштение објавено на нивната официјална интернет страница и ги обвини посочените портали дека шират лаги.