Нема ништо поубаво за еден политички новинар, кога ќе излезе од својот шинел во кој се чувствува најсигурно и ќе му се препушти на друг професионалец да го води низ лавиринтите на уметноста. Задоволство е да ја познавате Дита Старова Ќерими, млада и успешна жена, која совршено плива во сите стилови таму каде што е најпоткована-сликарството и уметноста. Привилегија е  да се слушаат нејзините познавања и планови за иднината поврзани со нејзината професија и функција – Директор на Националната галерија на Македонија.

За читателите на АКО.мк. , со Дита Старова Ќерими направивме мега-интервју:

 

АКО: За првпат во Македонија со своите дела го имаме големиот Ибрахим Кодра. Да стоите простум пред ,,Фантастична Албанија“ за многумина е исто толку возбудливо како да стоите пред некое дело на Пикасо. Кое е местото на Кодра во италијанската и воопшто во европската ликовна уметност?

Дита Старова-Ќерими: Италијанските историчари на уметноста местото на Кодра го гледаат во италијанската ликовна уметност на XX век како авангарден и оригинален уметник. Оваа изложба на Ибрахим Кодра во угледната галерија на Даут-пашиниот амам се вреднува исто како и неговите изложби во Рим, Милано, Венеција, Париз, Њујорк, Белград и други градови во светот. Изложувал и имал блиски односи со великаните на европската уметност како што се: Пабло Пикасо, Марк Шагал, Анри Матис, Ренато Гутузо, Салвадор Дали, Дуфи, Ернст, Леви, Кокошка, Леже, Миро, Брак и други. И самиот надарен и со поетска вокација имал блиски контакти и соработувал со Еуџенио Монтале – добитник на Нобеловата награда и добитник на „Златниот венец“ на Струшките Вечери на поезијата, потоа со Квазимодо, Пол Елијар, Дино Буѕати, Рафаел Алберти и други, во чии поетски книги ја вгнездувал и својата сликарска уметност.

(Старова-Ќерими покрај делото на Кодра- ,,Фантастична Албанија“)

Посебно се значајни две пријателства во животот и творештвото на Кодра: едното е со сликарот Пабло Пикасо, а другото е со францускиот поет Пол Елијар. Со Пикасо се запознава во Рим во 1948 г.,  каде што и двајцата се присутни на Конгресот на мирот и оттогаш остануваат во блиски пријателски врски. За Пикасо, Кодра е ,,мојот албански пријател’’(,, ilmioamicoalbanese’’) со кого изложува на групната изложба во 1954 г. заедно со Матис, Модилјани и други. Ибрахим Кодра е носител на низа ордени и признанија, прогласуван е за почесен граѓанин од повеќе италијански градови. Тој е носител и на златниот медал на Француската академија. Притоа, му беше оддадено признание затоа што ,,успеал во нашиот хаотичен свет да открие нови ликовни можности за да подобро се разбере уметничката форма без да се меша со хроматските структури што означува отворање на нови хоризонти во модерното сликарство, верно служејќи ѝ на сликарската вистина’’.

Францускиот поет Пол Елијар, еден од најголемите француски и европски поети на XX век, во сликарството на Ибрахим Кодра ќе открие еден од ,,гласовите на новата цивилизација’’.Европејството на Кодра претставува длабока ликовна медитација за кубизмот и неговите различни толкувања, со  примеси од источната култура и светот на Византија. Се смета дека тотемските фигури во неговото сликарство, идолите, остатоците од колективната меморија, жителите крај морето, бездруго претставуваат реминсценции од албанското минато, изразени во најсреќни решенија. Меѓутоа, линиите и триаголниците, круговите и минијатурните облици ќе се влеат во изразните форми на неговото сликарство. Во идеалната претстава за неговото сликарство се испреплетуваат албанската земја со нејзиното зеленило и морско синило во еден вид синтеза на ,,глобалноста’’ на неговото видување на светот. Италијанската ликовна критика  во стилот на Кодра препознава култивирана, автентична и волшебна вредност. Во него препознаваат светлина, богатство на бои, дух, материја и мит преку волшебно слевање на античкото и модерното, западното и источното.

АКО: Со какви тешкотии се соочувавте, ако ги имавте, при организацијата за  претставувањето на делото на Ибрахим Кодра, но и на големите македонски сликари како Мазев, Лазевски и други значајни имиња во сликарството кај нас и од светот, имајќи ги предвид постоечките проблеми во вашата институција во еден подолг период? 

Старова-Ќерими: Голем предизвик за сите музејски раководители и работници, како и за публиката во улога на краен консумент на уметноста, претставува чинот на носење големи и значајни имиња. На тој начин се зголемува рејтингот и стандардите на институцијата и секако се нуди една висока уметност за реципиентите кои непосредно ги доживуваат големите уметнички дела. При организирањето на оваа изложба имаше многубројни предизвици од секаков карактер, но и потешкотии кои се најчесто врзани со финансиските можности од една страна (бидејќи овие автори и дела изискуваат големи осигурувања, специјални транспорти и специјален третман), а од друга страна тука се и просторните проблеми кои произлегуваат од немањето адекватни музејско-галериски објекти кои би можеледа ги задоволат  минималните стандардикои важат за светските музеи за изложување на значајни дела од светски автори. Нашите три објекти се адаптирани галериски простори, односно не се наменети за галерии и музеи (два амами, еден воен магацин)  и од самото тоа произлегуваат многубројни проблеми кои се погубни за презентирање на делата, а уште пострашен е фактот кој се однесува на нивното чување и заштитата на културното богатство (влага и пред сè неадаптирани депоа). Од друга страна, низ годините воопшто не се водела грижа за одржување на постоечката инфраструктура на објектите која не е во завидна положба, а во најлоша состојба се „Мала станица“ и „Чифте Амам“, за кои одамна беа ветувани средства од страна на Министерството. Од наша страна се преземени сите прелиминарни активности почнувајќи од изготвување елаборати, основни планови, одржување дебати за јавното мислење итн. Сега на  потег е ресорното министерство, за да не дозволиме да ја уништиме нашата богата колекција која брои над 2000 дела и на тој начин да немаме можност да презентираме значајни уметнички имиња.

Оваа година обележуваме јубилеј – 70 години од постоењето на Националната галерија на Македонија. Но, онолку колку што сум горда што токму во мојот мандат се прославува еден ваков важен настан, толку сум и разочарана во однос на фактот со какви објекти ќе излеземе пред очите на јавноста обележувајќи го јубилејот. Се трудиме овој горлив проблем да го покриеме со нашата богата јубилејна програма, со изложби на автори како што се: Ибрахим Кодра, Адем Кастрати, Драган Поповски Дада, Костадин Танчев Динка, Танас Луловски, Анри Сала, Петре Николовски, како и со значајни изложби на дела од колекцијата, но и со архивски и документарни изложби за историјата на нашата институција. Нашата стратегија е догодина да се посветиме речиси целосно на колекцијата и на музејските проблеми, па оттука најголем дел од проектите ќе бидат за реконструкција на нашите објекти и на прво место ќе биде изградбата на соодветни депоа за чување на делата кои ќе ги задоволат светските стандарди за заштита и чување на музејските експонати.

АКО: Неговиот опус (на Ибрахим Кодра),се проценува на 6.000 дела, од кои само 2.000 се регистрирани. Колекционерите се подготвени да платат големи суми. Имате ли податок колку чини неговата најскапа слика и каде се наоѓа?

Старова-Ќерими: Се смета дека Ибрахим Кодра создал во текот на својата сликарска кариера околу 6.000 дела, од кои само 2.000 се регистрирани, а голем дел од нив се наоѓаат во познати галерии и приватни колекции ширум светот. Негови дела  се наоѓаат во Ватиканскиот музеј, во Парламентот на Италија и на други места во Италија и во светот. Најскапата слика на Кодра е продадена, колку што имам информации, на аукција во Тирана за 140.000 евра.

АКО: Мазев, Лазески, Кодра… за само една година. Што е следно?

Старова-Ќерими: Поводот на годинешните изложби во Националната галерија е секако одбележувањето на 70-годишнината од постоењето. Неколку години наназад препознатливи сме по изложувањето на делата на нашите големите дејци како Томо Шијак, Вангел Наумовски и секако по големата изложба на Никола Мартиноски. Јавноста оваа година имаше можност да ги види делата на нашиот голем експресионист Мазев и на монументалистот Лазески. Следната изложба е на нашиот познат уметник Адем Кастрати. Во месец јуни најавивме мала реконструкција во „Чифте Амам“, која треба да заврши до август, за да ја отворимепотоа  изложбата на збирката од наши југословенски автори.Во рамките на годишната програма, по повод обележувањето на овој значаен јубилеј, Националната галерија на Македонија ќе реализира проект-изложба под наслов „Изложба на дела од хрватски, српски, словенечки, црногорски и босанско-херцеговски автори од колекцијата на НГМ“.

Збирката слики и скулптури од поранешните Југословенски републики претставува прва формирана збирка во Националната галерија на Македонија во средината на  дваесеттиот век. Денес таа е сместена во депоата на објектот „Чифте Амам“. Збирката ја карактеризираат исклучителни уметнички остварувања во кои се содржани сите жанрови, различни стилски правци (класицизам, романтизам, академски реализам, импресионизам, експресионизам, апстрактната уметност и наива), како и повеќе видови ликовни техники, карактеристични за современата ликовна уметност од втората половина на XIX век па сè до средина на XX век. Овие уметнички остварувања изградија мост меѓу двете епохи и претставуваат жива творечка врска помеѓу два пресвртни периоди: времето меѓу првата светска војна, периодот на втората светска војна и периодот што следува. Некои од нив, уште во XIX век извршија силен и значаен пресврт во областа на ликовната уметност на овие простори, односно напуштање на традиционалната уметност и полека, но сигурно внесување на карактеристиките на модерната европска ликовна уметност.

Во голем број дела се јавува инспирација и поврзување со родната земја, нејзината фолклорна или етно-традиција, а воедно и со средновековната ликовна традиција на овие простори. Се појавуваат и дела со социјални мотиви како и дела инспирирани од ужасите на Втората светска војна, кои се автентични сведоштва за животот од градската и селската средина  и ја документираат граѓанската култура во предвоениот, воениот и повоениот период. Оваа збирка е НАЈСТАРА и НАЈГОЛЕМА галериска јавна збирка во Република Македонија, а според своите особености преставува РЕТКОСТ во нашата земја. Поради својата РЕПРЕЗЕНТАТИВНОСТ и РАЗНОВИДНОСТ, збирката честопати е изложувана и застапувана во голем број монографии и стручни изданија кај нас и во поранешните Југословенски републики.

Збирката поседува и неколку антологиски остварувања на одредени автори од XIX и XX век и преставува уникатен сликарски фонд во Р. Македонија од генерација уметници кои се школувале во најразвиените европски градови и кои се основоположници на современата уметност на овие балкански простори. Во неа има значителен број ремек дела на автори кои преставуваат реткост во современата уметност на поранешна Југославија односно Балканот,  односно звучни имиња од рангот на: Константин Данил, Иван Мештровиќ, Димитрије Аврамовиќ, Влахо Буковац, Матеј Стернен, Марко Мурат, Рихард Јакопиќ, Надежда Петровиќ, Стеван Алексиќ, Стојан Аралица, Мирослав Краљевиќ, Коста Миличевиќ, Милан Коњовиќ, Крст Хегедушиќ, Петар Лубарда, Ружица Сокиќ, Фрањо Доленец, Јанез Берник, Ристо Стијовиќ и други, но…

                 Лубарда Петар (Љуботињ 1907-Белград 1974)

       Пејзаж од Црна Гора, 1949, акварел на хартија, 48×64, инв. бр. 344

… и многу други претставувања како на нашиот голем скулптор  Дадата, Танас Луловски нашиот голем дизајнер Костантин Танчев Динка.

 

АКО: Исто така до крајот на 2019 година ќе трае проектот ,,Уметност за сите“. Знам дека ова за Вас е посебно важно затоа што им е важно и на децата и на нивните родители. Какви се реакциите и ефектите?

Старова-Ќерими: Живееме во време со засилена економска и технолошка динамика кога старите парадигми на развојот се заменуваат со нови, односно во време кога во интеграциските процеси на глобализацијата како да се заборава или маргинализира грижата за човекот со посебни потреби, посебно во доменот на културолошките активности, а уште повеќе во неговото вклучување при создавањето на уметнички творби.

Поголемиот дел од институциите учествуваат во севкупната грижа за човекот со посебни потреби. Оттаму, потребно е системски да се решава процесот со заедничка соработка и координација на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование, невладиниот сектор, училиштата и родителите, при што ќе се овозможи поквалитетен живот од најраната возраст.

Покрај големиот успех што се постигна со големите ликовни проекти, односно со изложбите по повод 100-годишнината од раѓањето на колосите на сликарството како што се: Петар Мазев, Борка Лазевски, Ибрахим Кодра и други, кои масовно беа прифатени од ликовната јавност, медиумите и пошироко, за нас како Национална галерија на Република Македонија во последниве години од посебно значење е и предизвикот, којшто се охрабривме да го прошириме со пригодни и специјални проекти и кој всушност се однесува на подигнувањето на јавната свест за најранливите категории на деца преку организирање на голем број ликовни работилници, инвентивно и функционално прилагодени на децата со посебни потреби во спрега со компетентните институции, но и со ангажманот на самите родители на децата.

Досегашното искуство говори дека ваквите проекти го поткреваат духот и расположението кај сите учесници во процесот, особено кај децата, кои во прегратките на уметноста и имагинацијата откриваат топли предели на прифаќање и му се радуваат на животот, наоѓајќи храброст за надминување на тешкотиите, што пак од друга страна претставува дополнителен мотив за нас како институција и секако дава огромна инспирација за создавање на нови проекти.

         Во оваа пригода би сакала посебно да истакнам дека Холандската амбасада, како и нејзиниот амбасадор лично, во нашиот ликовно – едукативен проект „Уметност за сите“, наменет за деца од најрана училишна возраст до завршување на средното образование, којшто всушност претставува програмски проект на Националната галерија на Македонија, препознаа еден квалитетен проект од европско значење и го поддржаа со значителна финансиската донација, поради што, ние и децата сме им неизмерно благодарни.

Овој наш проект ќе биде реализиран во 4 циклуси, секој од нив ќе трае по три месеци сè до крајот на 2019 година, а негова крајна цел е социјализација и општествена инклузија на лицата со попреченост и хендикеп.

Она што првично претставуваше само хумана идеја базирана на ентузијазмот на поединци во институционални костуми полека стана реалност. Националната галерија на Македонија, по бројните реализирани проекти наменети за лицата од ранливите категории во последниве неколку години, се осмели да се исправи пред еден сериозен зафат – да исчекори малку понапред од она што беше започнато во работилниците и чија цел беше да се анимираат децата со различен вид на попреченост од различна возраст, со различни специфики, социјален статус, пол, посебни потреби… при тоа нудејќи можност за социјална инклузија со вклучување на врсниците од редовната образовна програма. Односно, да им помогне на учесниците, на оние кои раскрстиле со општествените предрасуди  во стекнувањето нови вештини, во совладувањето на техниките… и на тој начин образувајќи се во сферата на културата и уметноста.

И, по првото искачено скалило насловено како „Сите сме еднакви“ од 2014 година, Националната галерија на Македонија во почетокот на 2018 година го создава ликовно – едукативниот проект „Уметност за сите“, којшто е наменет за децата од најрана училишна возраст до завршувањето на средното образование.

Проектот „Уметност за сите“ е финансиран во рамките на програмата МАТРА на Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија. МАТРА е билатерална програма на холандското министерство за надворешни работи која е отворена за сите земји кои се на пат да станат членки на Европската унија. Оваа програма е наменета за поддршка на проекти кои се насочени кон општествена трансформација која ќе води кон поголемо приближување на земјите кон стандардите на Европската унија.

Всушност, преку овој проект, Амбасадата на Холандија ја поддржува културата како важен двигател за понатамошна демократизација на Македонија, но и за понатамошно унапредување на човековите права на одредени маргинализирани групи, население, како и на децата со посебни потреби.

Оттаму, во рамките на проектот „Уметност за сите“, поддржан од Холандската амбасада во Републка Македонија, Националната галерија на Македонија ја организираше трибината со наслов „Културолошка инклузија на лицата со посебни потреби во Република Македонија“.

На трибината свое обраќање имаа следниве личности, Г-ѓа Мила Царовска, Министер за труд и социјална политика, Проф. д-р Арбр Адеми, Министер за образование и наука,Проф. д-р Владимир Трајковски, Проф. М-р Синоличка Трпкова, Г-дин Денис Јанкуловски, Г-ѓа Доменика Кардула, нa кои сум им благодарна и кои со нивното присуство и обраќање ни дадоа поддршка.

АКО: Во светот може  удобно да се живее од уметност. Македонија несомнено има врвни сликарски имиња. Се купуваат ли кај нас скапи уметнички дела?  

                               ДСЌ:Економската состојба во Македонија не дозволува да постои широко развиен пазар на уметнички дела кој би диктирал реални цени. Вообичаено при купување акцентот  е ставен на основоположниците на македонската модерна уметност, односно автори од првата и втората генерација ликовни уметници, кои секако се најскапи, додека афирмираните  рецентни автори се во втор план, а за младите генерации е особено проблематично. Затоа, ретко може да се каже дека некој современ автор може да егзи-стира само од продажба на дела, а уште помалку истите да имаат високи цени. 

И кај нас постојат сериозни колекционери кои го препознаваат квалитетот, но сепак сметам дека сè уште и(и секогаш) треба да се работи на едукација на пошироката публика во однос на купување, но и разликување на квалитетната уметност наспроти декорација.

АКО: Има ли време ликовната уметница Дита Старова Керими да твори и да создава нови дела?

Дита Старова-Ќерими: Како за жена  која во исто време врши раководна функција на висока позиција во национална установа во Македонија и е мајка на две мили чеда Арбер и Арба , можам да кажам дека немам доволно време. Еден постар сликар ме советуваше дека раката никогаш не треба да го напушти цртањето, без оглед дали се подготвува за изложба или не. Засега тешко е да се најде ,,интегрално време“ да се подготви самостојна изложба со нови слики. Моментално работам на дела на групни изложби. Но, функцијата на која денес се наоѓам е воедно можност за акумулација на нови сознанија и размислувања за поцелосно индивидуално претставување. Секако ќе дојде и тоа време…

 

(Дита Старова Ќерими  е родена 1984 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на професор Симон Шемов. По магистрирањето работи како асистент на Факултетот за архитектура и дизајн на Американскиот колеџ и ликовен уредник во издавачката куќа Серембе. Член е на ДЛУМ, здружението „Арт визион“ и ДРАУДАКУМ. Зад себе има неколку самостојни и голем број групни изложби во Франција, Турција, Косово, Бугарија и во Македонија.)

Разговорот за АКО.мк(актуелно-објективно) со Дита Старова Ќерими го водеше Емилија Лазаревска