Стартува изборната кампања

Изборната кампања за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 11 декември започнува денеска, а ќе трае до 9 декември на полноќ.

На изборите учествуваат 11 политички субјекти – пет коалиции и шест партии.

На изборите право на глас имаат вкупно 1.784.524 граѓани. Во дијаспората ќе можат да гласаат 20.591 македонски државјани.

Со стартот на кампањата на 21 ноември, политичките партии ќе ги започнат и своите изборни активности во дваесет-дневниот изборен рок.

СДСМ кампањата ќе ја започне во Прилеп, каде ќе одржи митинг, а свое обраќање ќе има лидерот на Партијата Зоран Заев кој е носител на изборната листа во ИЕ 4. Тој таму ќе се судри или ќе ги одмери силите со лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, кој одбра место во единицата, да ја предводи изборната листа во четворката.

Меѓутоа, ВМРО ДПМНЕ изборниот караван ќе го започне, традиционално, со митинг во Охрид, каде исто така почеток на кампањата најавува коалицијата ВМРО за Македонија, како што велат и тие традиционално од Охрид, но на 22-ри ноември.

ДУИ изборната трка ќе ја почне во Липково, а ФРОДЕМ од скопскиот хотел „Континентал“ .

Сите партии најавуваат богата кампања со средби со граѓани, трибини, митинзи, но и рекламна кампања со спотови и платена политичка програма.

Кампањата завршува на 9-ти декември на полноќ, кога стапува на сила изборниот молк. Гласањето е на 11-ти декември.

Вчера учесниците во изборниот процес, преку своите политички лидери или претставници, ја потпишаа Декларацијата за фер избори. За првпат потпишувањето беше во организација на ДИК.