Стефанова: Јанева многу добро знае дека се спротиставив на куќниот притвор и враќањето пасош на Камчев

Обвинителката Лиле Стефанова, во изјава за порталот Сакам да кажам, вели дека со денешната аудио снимка се потврдува тоа што таа го зборува, дека се спротиставила на домашниот притвор и враќањето пасош на Орце Камчев

Стефанова вели дека уште во декември 2018, ѝ се спротивставила на Јанева за тоа на притворените во овој и во други предмети мерката притвор да им биде заменета со куќен притвор. Но, одлуките си ги носела таа, спротивно на сугестиите на Стефанова.

„Конкретно за ,,Империја“ сметав, и таа тоа многу добро го знае, дека мерката куќен притвор не е соодветна во таа фаза на постапката, бидејќи осомничените не може да ги спречи да влијаат на истрагата. Тоа се покажа точно, гледајќи ги снимените видеа што ги правел Јордан Камчев во време кога бил во куќен притвор“, вели Стефанова.

Според неа, првпат проблем со враќање на пасошите настанал со Цветан Панделески во март 2019.

„Спротивно на мојот став, кој го кажав и на неговите адвокати Стеван и Сашка Павлески, дека Панделески не исполнува ниту еден услов да му биде вратен пасошот, Катица Јанева потпиша согласност. Што се однесува до пасошот на Камчев, таа согласност Катица Јанева ја дала без да бидам информирана, бидејќи бев на одмор. Му ја дала согласноста, дознав од колегите, за да присуствува на семинар и на управен одбор. Колешката Елизабета Јосифовска ми кажа дека наредбата да потпише ја добила од Катица Јанева по телефон. Јас ѝ кажав дека не се дава патна исправа на осомничен со двојно државјанство и со имот поголем во странство отколку во Македонија, бидејќи има опасност од бегство. Колешката постапи по наредбата, бидејќи таа и да сака, не може да ја менува“, вели Стефанова за САКАМДАКАЖАМ.МК.