Стотина патници заглавени на автобуската во Велес

Поголем број патници кои патувале од Велес кон Штип, Кочани и кон Струмица, со часови седea на автобуската станица во Велес со купени билети кон овие градови, но автобусите не можea да тргнат заради затворените патишта на делницата Велес-Штип.

Некои од патниците ни се пожалија дека не можат да издржат веќе без основни потреби на автобуската станица, бидејќи таму се заглавени од 14 часот попладне(06.01.2017), а останале и без пари. Немаат ниту храна, ниту топли напитоци, а никој досега ништо не ги понудил. Од друга страна цело време ги убедувале дека автобусите ќе тргнат и сега практично останале отсечени и без можност да се снајдат да си заминат дома со друго превозно средство, бидејќи патиштата се непроодни.

Еден автобус кој не ги послушал предупредувањата тргнал кон Кочани преку Сарамзалино каде има големи наноси снег и ветер и сега е испречен на патот бидејќи се излизгал на смрзнатата коловозна лента.

Од АМСМ цело попладне објавуваат информација дека делницата Велес- Штип п, и делницата Штип – Кочани, поточно кај Лозово, Сарамзалино и Крупиште, се непроодни заради силен ветер кој нанесува големи количини снег, кои единиците на Македонија пат не успеваат да ги расчистат целосно бидејќи одново ветрот ги потрупува со снег. Исто така и видливоста е значително намалена.

ЗАБРАНА ЗА СООБРАЌАЈ од 21:00 ч. поради снежни наноси е воведена и на магистралниот пат Штип – Радовиш кај м.в.Калимерово.

Патниците кои се блокирани на автобуската станица во Велес, апелираат некако да им се помогне, бидејќи во спротивно треба да ја поминат ноќта во просториите на автобуската без храна и топли напитоци.

АКО.мк актуелно-објективно