Студентскиот дом ,,Гоце Делчев“ за идните станари уредува модерни и функционални соби

Почнува внатрешното уредување во реконструираните блока В и Г во студентскиот дом „Гоце Делчев“. Проектот со изработка на мебел во брачните, двокреветни и апсолвентски соби, и за влезниот хол во Студентскиот дом „Гоце Делчев“, блок В и Г е изработен според барање и насоки од страна на Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија. Комплетното уредување се однесува на 2 влезни хола, 16 брачни соби, 256 двокреветни и 64 апсолвентски, извести управата на Студентски дом ,,Гоце Делчев“.

Проектираниот мебел е дизајниран според затекнатата реконструирана и адаптирана состојба на собите, задржан е иницијалниот функционален концепт, и обезбедени се основните услови за потребите на корисниците на собите. Секоја соба вклучува кревет, работна маса, работен стол, гардеробер, елементи за одложување на облека, предмети, постелнина и книги како и флексибилен стол. 

Според спецификациите, креветите се од железна конструкција со предвидени душеци со систем од Херкул жичани јадра, за распоредување на притисокот врз секоја пружина и подобрени ортопедски услови за спиење. За секој кревет предвидена е водоотпорна заштитна навлака за душек, изработена од природни материјали.

Работните маси се дизајнирани и димензионирани според максималниот простор за нивно позиционирање и пропишаните стандарди. Конструкцијата е од О челични рамови и истите се со можност за заклучување на фиоките. 

Работниот стол ги задоволува функционалните и естетски барања. Истиот обезбедува трајност и лесно одржување.

Гардеробите се со прилагодена димензија и во сите соби дизајнирана да овозможи непречена функција на просторот. Во двокреветните соби, на барање, предвидено е заклучување на гардероберите.

Елементите за одложување на облека, предмети, постелнина и книги се проектирани елементи со различна форма и димензии, прилагодени на расположливиот простор, за одложување на облека, постелнина, предмети и книги, дизајнирани да ги задоволат потреби на секој поединечен корисник на собите.

Флексибилниот стол е со две положби за удобно седење, одмор и релаксација, изработен од трајни, квалитетни и лесно одржливи материјали. Столовите анатомски се обликуваат под телото. 

Влезните холови во блоковите се организирани како модерни, динамични катчиња за социјализација на студентите и средби со посетители. За таа цел избрани се декоративни и лесни столови за удобно седење, флексибилни и мултифункционални, изработени од трајни, квалитетни и лесно одржливи материјали. Столовите се формираат според избраната положба за седење, анатомски се обликуваат под телото, погодни се за сите возрасни групи. Масите се дизајнирани со прилагодена форма и височина за различен избор на седење, од лесна, метална конструкција и плоча од оплеменета иверка. Овозможено е брзо и едноставно креирање на катчиња, при групирања според определби на корисниците на просторот.